Никако да се операционализира иницијативата кулата за вода за парните локомотиви да се претвори во музеј. Не помагаат петиции и писма до Министерството за култура да се заштити овој објект од поблиската историја и да се адаптира во музеј на железницата.
Повеќе граѓани сметаат дека објектот не би требало да се остави да го јади забот на времето. Уште помалку да се претвори во пералница за автомобили, туку да се реставрира и покрај него да се постави и старата парна локомотива. Ако се облагороди местото и стручно да се реконструира кулата, покриените делови долу може да бидат галерија со експонати и слики од историјата на железницата и фотографии за развојот на железничката инфраструктура во Прилеп, почнувајќи од теснолинејката и другата стара железничка станица кај Старо Корзо. Кулата би можела да биде и панорамник или ресторан на високо, ако некој стопанственик сака највисокиот дел да го адаптира по модерни архитектонски решенија.
Кулата е градена од мајсторот со камен Трајан Колески од селото Марул. Служела за полнење вода на котлите на парните локомотиви. Функционирала до 1960 година, кога дошле локомотивите, кои влечеле вагони со мотор на течно гориво. Оттогаш е оставена и заборавена, дури е и изобличена.
Извор:Неделник Зенит