Долго очекуваниот самит помеѓу лидерот на Северна Кореја Ким Џонг Ун и јужнокорејскиот претседател Мун Јае ин конечно се случи во “селото се примирје” во Панмунџом – пренесува “Раша Тудеј”.
За прв пат после цела декада лидерите на двете земји седнаа на иста маса и разговараа.
Нуклеарната програма на Северна Кореја, чијшто брз напредок ги зголеми тензиите на полуостровот до точка на вриење кон крајот на 2017 година, се очекува да биде главна тема на состанокот, кој се одржува после помалку од една недела откако Пјонгјанг најави замрзнување на сите нуклеарни и ракетни вежби и затворање на главно место за тестирање.
Средбата има голема симболична вредност исто така. Ким направи историја и стана првиот лидер на Северна Кореја кој стапнал на јужнокорејска територија после војната помеѓу двете земји која заврши во 1953 година.
Самитот се случува после септемвриските случувања минатата година кога Северна Кореја го изведе најголемиот нуклеарен тест досега и откако тестираа балистичка ракета за која се тврдеше дека може да достигне до САД.
Како одговор на тоа, Јужна Кореја и САД одржаа повеќе воени вежби на границата со Северна Кореја. Претседателот на САД Доналд Трамп му се закани на Пјонгјанг со оган во август минатата година и го оцени Ким како “човек ракета во самоубиствена мисија”.
Војната со зборови меѓутоа заврши откако Трамп рече дека постои “голем прогрес” во денуклеаризацијата на Северна Кореја и го нарече Ким “многу чесен и многу отворен”.
Разговорите помеѓу двете корејски држави ќе се одвиваат во две рунди. После првата сесија, двајцата лидери ќе ручаат, а потоа ќе засадат праска на границата, дрво кое ќе биде симбол на мирот и просперитетот. Потегот ќе биде уште посимболичен бидејќи дрвото ќе биде засадено со почва и вода од двете држави.