Загадувањето на воздухот и официјално ја зема првата жртва годинава, жена на возраст од шеесетина години која почина како резултат на респираторни проблеми предизвикани од загадениот воздух, објавија дел од медиумите.
Иако ова е првата официјална жртва, кардиологија и другите клиники се преполни со хронично болни пациенти чија состојба е влошена од енормно загадениот воздух. Загадениот воздух влијае и на најмладите чиј имунолошки систем страда, па така детската амбасада Меѓашин побара под итно децата да бидат пуштени на распуст додека концентрацијата на ПМ 10 и ПМ 2.5 честички во воздухот не се намали. Градот Скопје само пред неколку дена ја превзема не толку сјајната титула за најзагаден град во светот. Додека граѓаните се гушат институциите спијат и си ја префрлаат одговорноста, решенија нема, а очигледно ни средства.
Па така, на овој горчлив проблем за сите граѓани на Македонија владата ќе одговори со рекордно најголемиот буџет досега, но со само 0.4 проценти одвоени за заштита на животната средина. Во предизборието за СДСМ приоритет беа чистиот воздух, вода и здравата животна средина, но сега од позиција на власт очигледно е дека се далеку од приоритет. Во буџетот за 2018 година одвоени се рекордно најниски 0.4 проценти за заштита на животната средина. Буџетот на министерството за животната средина и просторно планирање во изминатата година од владата на СДСМ повеќе пати беше намален. Првото намалување на буџетот на МЖСПП се случи летоска кога беа скратени цели 23 проценти од буџетот, а во ноември за уште 8.8 проценти. Министерството за животна средина и просторно планирање од буџетот за 2018 година побарало да добие 14.4 милиони евра , а одобрени му се средства помали за една четвртина во износ од 10,7 милиони евра.
Додека граѓаните се гушат во канцероген воздух владата го покажа своето вистинско лице, односно својата негрижа за реалните проблеми на граѓаните. Парите на граѓаните наместо за здрава животна средина СДСМ ќе ги троши за задоволување на ветувањата кон своите коалициони партнери од албанскиот блок небаре граѓаните Албанци не мораат да дишат. Парите кои СДСМ ќе ги потроши за имплементација на законот за јазиците и двете нови владини тела агенција за примена на јазикот инспектора за употреба на јазиците се доволни да се задоволи првичниот буџет кој го има побарано МЖСПП, а бил одбиен. Но на дволичноста и нема крај, во рекордно најголемиот буџет досега има и пари за нов албански ансамбл кој државата ќе ја чини цели 800 илјади евра.
-Првиот годишен буџет, земајќи ги предвид платите, инвестициите во костимографијата, инструментите и практичниот дел, е околу 800 илјади евра. Но, ова се буџети кои варираат зависно од потребите кои се појавуваат во текот на формирањето на оваа институција, вели Азири за ТВ 21.
Граѓаните како резултат на негрижата на локалната и централната власт решија да протестираат токму денес во 12 часот пред владата под мотото „Станете за чист воздух“. Еден од организаторите потсети на протестите кои се случија во септември на кои се придружија голем број министри од владата на СДСМ и тогашни кандидати, а сегашни градоначалници кои потпишат дека ќе се залагаат за чист воздух, а сега ги заборавија своите ветувања. Тој истакна дека денес се тука да ги потсетат на нивните ветувања.
Извор: kurir.mk