До нашата редакција пристигна вест дека градоначалникот на општина Прилеп Илија Јованоски одбил да ги прими дечињата кои денеска како и нивните врсници ширум државата го навестија Христовото Раѓање
Повеќе од двестотини мали прилепски ангелчиња, во придружба на родители, баби и дедовци, утрово беа дел од Бадниковата поворка која помина низ прлепските улици и пеејќи ја бадниковата песна „Вечниот Бог“ и го навестија Христовото раѓање – Божик. Овие ангелчиња ги симболизираат ангелите, кои ја донеле радосната вест за Христовото раѓање и пееле: Мир на земјата а меѓу луѓето добра волја“.
Ваквиот начин на празнување на Бадник претставува една возобновена древна традиција за одбележување на овој празник а преку кој се негува традицијата и културата.
Според агендата, по завршувањето на богослужбата Литијата тргна од храмот посветен на „Св. Св. Кирил и Методиј“ – Параклис, и мина низ центарот на градот.
Како и секоја година, така и оваа, свештениците и малите ангелчиња очекуваа да бидат примени од градскиот татко и да им подели бадникови пакетчиња, но за жал, градоначалникот после три недели договарање, одби да ги прими малите ангелчиња со изговор дека, како прво: „градоначалникот не е Дедо Мраз па да дели пакетчиња“, и како второ: „Утре е Бадник и неработен ден, така што …“. Видно разочарани, дечињата со придружбата, само поминаа пред општинската зграда, па низ градските улици го навестија Христовото Раѓање – Божик.
Вакви литии се одржаа речиси низ сите градови во државата, а пред нецели две години, десетина естрадни уметници во придружба на Златните Славејчиња, на иницијатива на Бигорскиот манастир, снимија видео-спот за божикната „Вечниот Бог“.
Честити и вековити Божикни празници г-не градоначалник Илија Јованоски Ви посакуваат свештениците и малите ангелчиња!