Турскиот претседател ја повтори поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, а го реафирмираше и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија.
Деблокадата на интегративните процеси е клучна за долгорочна стабилност, безбедност и напредок на целиот регион. Во наредниот период очекуваме конструктивна поддршка, помош и отворено лобирање за членство на Република Македонија во Алијансата од страна на нашите пријатели – земји членки на НАТО. Поканата за членство ќе биде дополнителен поттик за националните реформски процеси и ќе претставува позитивен пример во регионот, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по вчерашната средба во Анкара со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган.
Иванов изрази благодарност за принципиелниот став на Република Турција за решавање на билатералниот спор, кој Република Грција го има со Република Македонија, за уставното име.
Ердоган со високи почести го пречека македонскиот претседател Иванов.
–Во 21-от век, недозволиво е сувереното право на самоопределување на една држава, гарантирано со Повелбата на Обединетите Нации, да биде оспорувано од која било друга држава. Разликата околу името треба да се решава во рамките на ООН и во рамката дефинирана со Повелбата на Обединетите нации, резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011. Задирањето во прашања, како што е идентитетот, јазикот и Уставот на Република Македонија, не придонесува, туку напротив го отежнува процесот за изнаоѓање на решение. Ме радува фактот што Претседателот Ердоган и при оваа посета искажа целосно разбирање за нашите ставови по однос на оваа тема и стои на македонска страна, рече Иванов, кој престојува во официјална посета на Турција.
Иванов се заблагодари и за долгогодишната принципиелна и безрезервна поддршка и особено за начинот на кој Турција ја поддржува Македонија на патот кон полноправно членство во НАТО.
Турскиот претседател ја повтори поддршката на Турција за интеграција на Македонија во НАТО, а го реафирмираше и принципиелниот став во однос на употребата на уставното име на Република Македонија.
–Ние сме први што го признавме уставното име на Република Македонија. Она што го мислевме тогаш, го мислиме и сега. Ние не мрдаме ни лево ни десно. Турција во дипломатијата никогаш не се однесува двострано. Ние откако сме донеле своја одлука, ние умираме, но не се враќаме назад,рече Ердоган, истакнувајќи дека покрај признавањето на уставното име на Македонија и името на нацијата, Турција била првата земја што испратила свој амбасадор во Македонија.