Облечен како вистински војвода од времето на Илинден, со своето однесување и изглед, на чествувањето во вторникот во селото Цер, по повот 113 годишнината од смртта на војводата Христо Узунот, голем интерес побуди Тончек Рожман, по татко Словенец, по мајка Македонец, роден во Битола, кој, како што самиот рече, Македонија ја чувствува за своја единствена татковина и се чувствува како чистокрвен Македонец.
– Овој ден е светол ден како за Македонија така и за мене лично. Како на човек, како на патриот, кој бескрајно ја сака оваа земја, многу ми значи интересот на присутните да се фотографираат со мене. Секогаш во мене чувството е патриотско особено денес и на ова место. Јас се чувствувам како чистокрвен Македонец иако по татко сум Словенец. Македонија ми е во крвта, во дамарите и ако треба да умрам, ќе умрам за Македонија. Секаде каде што се обележуваат големи историски датуми значајни за земјава, јас сум присутен облечен како што ме гледате сега – рече Рожман, кој беше најмногу ангажиран околу фотографирањето со поголемиот број присутни на одбележувањето во селото Цер.
Извор: Скопје24