Општинскиот кризен штаб од Прилеп бара помош во механизација од Дирекција за заштита и спасување и од Владата, како и од локалните јавни претпријатија, зашто еден од двата активни пожари зафаќа површина од 300 хектари дабова шума и не може ниту да му се пристапи, ниту да се контролира, соопшти координатор на штабот Бошко Талески.
– Денеска на состанок на кризниот штаб ја разгледуваме состојбата со пожарите и потребна е помош во механизација, рече Талески.
Според Горан Чурлиновски од прилепската противпожарна единица, пожарот кај Дрен -Смолани кој зафаќа 300 хектари е од четвртокот и сега се рашири во три краци.
– Оваа огромна огнена стихија е активна од четвртокот и опфаќа вкупно 300 хектари со дабова шума, во прилепскиот и кавадаречкиот дел. Веќе се подели на три краци. Едниот крак оди од месноста Степаново Сено спрема врвот Клен, другиот крак оди спрема селото Гуџаково и уште еден крак од месноста Србиново спрема селото Галиште. На теренот се 12 луѓе од ЈП „Македонски шуми- Црн Бор“, и тројца пожарникари. Теренот е непристапен и е потребна помош и од локалните јавни претпријатија и од Дирекцијата за заштита и спасување. Потребна е итна помош за сопственикот на трлото кај селото Гуѓаково, зашто во опасност од огнената стихија се објектите и 200 крави, рече Чурлиновски.
Според Борче Јованоски од ЈП „Македонски шуми-Црн Бор“ другиот пожар избувна ноќеска во атарот на селото Никодин.
– Зафатени се површини од 3 до 4 хектари со лозја и неуредена шума. И таму теренот е непристапен, рече Јованоски.
Од состанокот на општинскиот кризен штаб се побара активно да се вклучат прилепските јавни претпријатија со луѓе и опрема.