Бујната гора го загрнала силно манастирот Свети Димитрија во подножјето на планината Селечка кај селото Селце на неколку километри од градот.
Никнал на ретко убаво место, а во околината се и малите црквички Света Петка и Свети Илија. Обиколен е со четири свети и лековити води, кои се распоредени како крст.
Светилиште не е само за жителите на селото Селце, туку и на бакалите и трговците, на сите граѓани. Храмот е чист, дотеран со нова фасада. Нема век.
Граден е во 1933 година. Еден е од поновите куќи Господови. Во олтарот стои иконата на Мајката Божја. Таа е најстаро дело. Датира од 1908 година.
Камбанаријата ја варди црквата 58 години. Необично е што во Божјиот дом секоја недела или празник се палат 33 кандила, колку што имал години Исус Христос. Посебност е и Денот.
Покрај Свети Димитрија, се слави Ѓурѓовден. На тој сведен, црквата е предадена на граѓаните пред повеќе од девет децении.
Свештеникот Темелко Блажески вели дека, пред Свети Јован Крстител традиција е прилепските жени да доаѓаат да месат и печат слатки кравајчиња кои ги раздаваат за Тајане-бојане.
– Манастирот е посетен, оти е блиску до градот. Се изгради и асфалтен пат и пристапот е лесен. И старото излетничко место Шаторов камен во близината ги мами луѓето да стават нога во манастирскиот двор, до новите конаци, до црквата, да се помолат, да запалат свеќа и да се напијат од ладните камен води.
Манастирот влече и постари и помлади, оти, како некогаш, а и сега, е место за изведување на еднодневни екскурзии во природа на основците и средношколците. Црквата е обновена и внатре и надвор. Народот помага и не штеди. Дадена е виза да се поставуваат нови икони од еден уметник во исти големи димензии.
Постепено ќе се дотера и дворот и комплексот ќе се претвори во атрактивно катче за одмор и за лете и за зиме. Во конаците не е дозволено да се прават гозби и да се свири музика, да се вијат ора и чочеци.
Може да се седне, да се напие човек кафе, да руча, да се напие чаша вино или ракија и да се предаде на Божјата убавина и природниот спокој – вели свештеникот Блажески.
Огромниот двор започна да се уредува. Се собра материјал и активно се работи, со цел комплексот заедно со конакот да дишат заедно. Конакот има на два ката со 15 соби, бањи и трпезарија.
Погледот од балконот е доживување. Се голта со око дел од убавините на Селечка Планина за душата да се успокои.
На соочувањето со красотата, никој не може да остане рамнодушен, туку да блика радост. Комлетната физиономија ќе се добие со ѕидање на оградата од собраниот камен.
Искреност и духовност зрачи од манастирскиот комплекс.
Чудотворни води
Четирите чешмички, Света Недела, Свети Димитрија, Света Петка и Средочна вода, се верува дека се чудотворни.
Според легендата, некој се разболел и сонил дека треба да дојде да се измие со водичката. Од неа оздравел и ја подигнал Средочна чешма во 1971 година.
Се раскажува дека прилепчанка не можела да остане во блажена состојба. Сонувала дека треба да појде во манстирот и тој ќе и “подари” дете.
Срамежливата жена го посетила храмот и родила здраво дете. Вакви случки има многу во манастирот Свети Димитрија.