(ФОТО ГАЛЕРИЈА) Манастирот Св. Никола во прилепско Слепче во зимска идила – Убавина која плени

На 26км од Прилеп, или 37 минути возење со автомобил преку селата Мажучиште, Забрчани, Дупјачани, Десово и Браилово, се наоѓа манастирот посветен на Свети Никола во селото Слепче, прилепско,

Манастирската црква која е прогласена за споменик на културата, била изградена во 1673 година од страна на еромонахот Михаил, но се спомнуваат и имињата на повеќе еромонаси и монаси кои се забележани на натписот врз мермерната плоча вградена во нишата на проскомидијата.

Но, постои и друг натпис над влезот од црквата од внатрешната страна кој пак вели дека црквата била соѕидана и зографисана во 1674 година. Понатаму во натписот е забележано дека ктитори на црквата биле игуменот на манастирот Свети Никола, Сергија еромонах, Никифор еромонах и Кирил монах, Јаникија монахиња и повеќе световни лица.

Црквата Св. Никола е мала, еднокорабна, типичен пример на црква од XVII век во Македонија. Фасадите се без декорации, покриена на две води, со мали отвори на источната и јужната страна и со единствен влез на западната страна.

Црквата има иконостасот којшто претставува богато резбарско и иконописно дело. Царските двери и Големиот крст со двете ламји го офразуваат влијанието на Атос. Како автор на резбарско-сликарските работи на царските двери може да се смета игуменот Сергиј кој оставил потпис на дверите. Од негово време потекнуваат и престолните икони на Богородица со Исус и Исус Христос, што е забележливо и од натписот на самите икони, како и чинот на Дванаесетте Апостоли кој се наоѓа над престолните икони. Во најгорниот дел, иконостасот завршува со Големиот крст со Распетието Христово и две ламји.

Посетете го ова прекрасно свето место и уживајте во недопрената природа и зимската идила.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.