Витаминка за Територијално противпожарната единица во Прилеп донира товарно моторно возило марка Mitsubishi L200 за потребите на прилепската единица. Возилото е комплетирано со современа опрема и неопходните елементи за справување со огнени стихии. Донацијата ќе придонесе кон зголемувањето на ефикасноста и капацитетите на противпожарната единица и интервенциите.
„Витаминка АД како општествено одговорна компанија донира едно товарно возило за потребите на ТППЕ Прилеп, на општ добробит на граѓаните на Општина Прилеп и соседните општини. Запознати сме со фактот дека прилепската противпожарна единица покрива голема територија, а во исто време техничката опременост и возниот парк не се на завидно ниво, па тоа нé поттикна да ја реализираме ваквата донација. Ова е прва донација, а за скоро време ќе следува и уште една од нашата компанија. Имено, во соработка со уште три партнери, ќе донираме т.н. навално противпожарно возило“, изјави Орде Ѓорѓиоски директор на Секторот за правни и општи работи во Витаминка Прилеп.
Целта на компанијата е со оваа донација да помогне во техничката опременост на противпожарната единица и да се подобри нивната ефикасност и оперативност во функција на општата безбедност на граѓаните на Општина Прилеп и околните населени места.
„Поради големата емисија на штетни гасови во атмосферата, воопшто на глобално ниво ни претстои период на раст на просечната температура. Токму затоа во иднина ќе се зголемуваат и потребите за заштита на природата и ќе има се поизразена потреба да се вложува во вакви средства. Доколку го сфатиме тоа доволно сериозно и се подготвуваме навреме, ќе ги намалиме последиците од емисиите на јаглерод диоксид и од зголемувањето на просечната температура на воздухот. А според некои проценки во следните 30 години се очекува просечната температура да се зголеми за 4 степени, што е неприфатливо. Затоа, овие вложувања се неопходни и потребно е нивно интензивирање како и преземање на многу други додатни мерки, со цел навремено да реагираме и да ги намалиме штетните ефекти”, изјави Симон Наумоски, Претседателот на Одбор на директори на Витаминка.
Од противпожарната единица велат дека оваа донација е повеќе од добредојдена.
Витаминка има воспоставено долгогодишна соработка со прилепската противпожарна единица, која што се развива во континуитет и се базира на помагање и поддршка од компанијата во обезбедување неопходни материјали и опрема за потребите на единицата.