Училишното ѕвонче го најави стартот на второто полугодие. Почетокот на второто полугодие од учебната 2016/2017 година започна без проблеми во Општина Прилеп. Сите ученици навремено пристигнаа на училиште, а училиштата, и основните и средните, и во градот и во населените места, подготвено го дочекаа стартот на второто полугодие.
– Учениците кои користат превоз навремено стигнаа до училиштата, за сите основни и средни училишта има обезбедено доволни количини нафта и огревно дрво за топли простории до завршувањето на грејната сезона, обврската за темелна дезинфекција во училишните објекти поради грипот и вирусните настинки е завршена, во соработка со Центарот за јавно здравје, така што во Општина Прилеп, без проблеми стартуваше второто полугодие од учебната 2016/2017 година. Ние и понатаму со сите структури, директори на училиштата, локалната самоуправа, наставниците ќе настојуваме да нема никакви пропусти во одвивањето на наставно-образовниот процес – рече градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, при посетата на училиштата.
Со цел да се спречи ширењето на грипот во државата, беше прифатена одлуката од министерството за образование да се пролонгира почетокот на второто полугодие, па наместо на 18–ти јануари учениците на училиште тргнаа денеска, на 23-ти јануари.
Второто полугодие од школската година во Прилеп го започнаа над 14.200 ученици. Но, и основците и средношколците двата дополнителни дена од продолжениот зимски распуст ќе треба да ги одработат во саботите, едниот ден во март, другиот во април, со цел да се исполни вкупниот фонд од 180 наставни денови во учебната година.