Силјановска од Прилеп упати порака до Заев: “Никој не е завидлив на заевизмот, сите го презираат” (Фото)

Кандидатката за претседател на државата од ВМРО-ДПМНЕ, Прф. Д-р Гордана Силјановска Давкова, денеска беше во посета на Прилеп.

После средбата со повеќе граѓани низ прилепската Стара чаршија, таа се обрати преку Фејсбук:

“Бев во Прилеп, градот херој. Ме мотивираше да помислам дека нам ни требаат херои за борба за родова еднаквост. Не да маршираат само жени од СДСМ на Меѓународниот ден на женските права. Тој не смее да добие партиски предзнак.

Никој не смее да ги дели жените во нивната борба за еднаквост. Владата или партијата на власт најмалку треба да создава поделби и партизација на вредностите за кои генерации мажи и жени се бореле. Бидејќи не прозвале и не квалификувале дека сме завидливи да одговорам.

Да, господине Заев, Ви завидуваме.

Ви завидуваме како спиете навечер, а притоа да ја изгубите, продадете како суров трговец националната свест, да ги погазите коските на нашите предци. Ви завидуваме како се колнете во едно, а правите друго, и сеуште имате лице да одите на чело на поворка.

Ви завидуваме како може да се повикувате на оддржливи цели и родова еднаквост, а Владата која ја водите две години нема донесено акциски план ниту индикатори за мерење на оддржливите цели кои ќе одговараат на спецификите и состојбите во земјата, ниту сте испратиле претставник на состаноците во ОН на оваа тема. И запомнете никој не е завидлив на заевизмот. Сите го презираат заевизмот”, напиша Силјановска на Фејсбук после денешната посета на Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.