Рекорд во Албанија: Рибари од Драч уловија ајкула тешка 400 килограми

Во мрежите на албанските рибари од пристанишниот град Драч уловена е ајкула тешка 400 килограми.

Ајкулата е уловена на длабочина од 100 метри, долга е три метри и 85 сантиметри и претставува досега најголем ваков улов на албанските рибари, во чии мрежи ајкулата не е реткост.

– И досега во нашите мрежи сме имале ајкули но ова е прв случај да уловиме толку голема ајкула. Месото од ајкулата веќе го продадовме во локалните угостителски објекти, изјави член од екипажот на рибарскиот брод „Несими“.

Неодамна албанските рибари од Валона уловија една од најопасните ајкули „дем“, на околу три милји од од островот Сазан, долга три метри и тешка околу 100 килограми. Овој вид ајкули се на второ место по опасност по белата ајкула.

Кога станува збор за рибарите од Валона, тие имаат уловено повеќе од десет ајкули со различна тежина и речиси сите околу островот Сазан.

Месото од ајкулите завршува во угостителските објекти, бидејќи важи за вистински специјалитет.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.