Реакција од ТАВ Македонија на Фејсбук статусот од презентерката Татјана Стојановска

Македонската презентерка Татјана Стојановска на својот Фејсбук профил напиша статус за тоа што го доживеала на скопскиот аеродром и им порача на следбениците да бидат внимателни кога ја користат услугата „hug and fly“, која на корисниците им овозможува 10 минути задржување.

„До кога вака!? Синоќа на скопскиот аеродром влегов на лентата за возила „hug and fly“ која овозможува да се задржиш 10 минути пред зградата на аеродромот. Но кога го видов времето кое го отчука апаратот на картичката, цели 5 минути беше порано. Што значи реално можев да се задржам само 5 минути, а не 10. Секако не сакав да ризикувам и да останам уште пет минути за да не се доведам во ситуација на излез апаратот да е во реално време. И така си излегов и се паркирав на регуларниот пакринг каде за еден час е 80 денари, а тие 5 минути ќе ми завршеа работа. Значи за 5 минути морав да платам 80 денари. Па зошто тогаш сте ставиле ТАВ можност за „hug and fly“ од 10 минути кога го лажирате времето и реално се 5 минути? Ако останеш повеќе од 10 минути плаќаш казна од 500 денари. Гледајте го времето на картичката кога сте влегле да не се изгорите со 500 денари, напиша Татјана.

На тоа со реакција се јавија од ТАВ Македонија.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

“Почитувани патници,

Би сакале да ве информираме дека бесплатното паркирање во Hug&Fly зоната, односно на улицата пред аеродромската зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје трае 10 минути, токму онака како што пишува на информативните табли за патници и на самите билети.

Ве замолуваме како меродавно да го сметате времето на влез отпечатено на билетот за паркирање, и согласно тоа, да го планирате вашиот престој во било која од зоните за паркирање на Меѓународниот Аеродром Скопје.

Следејќи ги светските трендови во авијацијата и аеродромското управување, Hug&Fly зоната ја воведовме пред две години, со цел да го намалиме метежот кој се создава од многуте возила паркирани пред терминалната зграда, и воедно да го олесниме движењето на нашите патници непосредно пред нивнитe летови.

За повеќе информации во врска со паркингот на Меѓународниот Аеродром Скопје, ве молиме посетете ја нашата веб-страница, на следниот линк: http://skp.airports.com.mk/default.aspx?ItemID=375

Ви посакуваме пријатни патувања,

ТАВ Македонија”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.