Можеби е сеуште млад, но Денис Димоски зад себе има големи достигнувања на музички план, што го прават сирурна идна надеж на големата сцена. Од претставник на Македонија на детскиот Евросонг, денес Денис сигурно чекори и го развива својот глас во класичната музика. Неговиот раздорен тенор кој го поседува ветува дека наскоро ќе ги добие симпатиите на љубителите на операта, а штиците на оперската сцена ќе грмат под неговите нозе. Како наш сограѓанин чест ни што го имаме за гостин и ви откриваме повеќе за него, неговата музичка кариера, настапи и планови.
Здраво Денис и добредојде на маркукуле.мк !
Каде се твоите музички почетоци, кога започна твојот интерес за музиката и кој е твојот најголем мотиватор, кој ти помага и те охрабрува да пловиш напред?
Од кога знам за себе, многу ја сакам музиката. Од мал сум мечтаел да бидам пејач. Моите почетоци со музиката се на моја 6 годишна возраст со мојот прв јавен настап на локалниот фестивал “Сребрен ѕвон” со песничката “Мајсторче”. Три години подоцна со победа на интернационалниот фестивал “Ѕвездички” ми се отворија вратите за настапи на голем број реномирани музички фестивали низ Европа. Сум учествувал на многу фестивали од кои за одбележување се моите настапи во Романија-2004 год. II место , награда за најдобра интерпретација на еден од најреномираните фестивали во светот “Славјански базар” во Белорусија од претседателот на светската организација на фестивали “Fidof” Америка, гран-при во Украина 2007, настапи на хуманитарни концерти во Словенија, Израел, Москва. Љубовта кон музиката е мојот мотиватор кој ме тера да продолжам понатаму да работам на себе и да се школовам и да се надградувам, а мојата најголема поддршка се моите родители и моите блиски пријатели.
Настапуваше и ја претставуваше Македонија на детскиот Евросонг. Да се потсетиме која година се случи тоа, какви искуства понесе од тогаш и што значеше за тебе во тие детски години тој настап?
Тоа беше во 2005-та година во Хаселт, Белгија. За мене незаборавно и огромно искуство од кое сеуште срцето ми трепери штом ќе се сетам Силен адреналин и емоција кои не се опишуваат, а само се доживуваат. Настапот пред 15.000-та публика за мене претставуваше остварување на мојот детски сон. Сметам дека освоеното 8-мо место беше супер за Македонија.
Ти си апсолвент на Музичката академија во Скопје, каде ќе дипломираш како соло пејач на класична музика. Што те поттикна на тоа, зошто Денис се определи за класиката, а не за забавната поп музика?
Да, оваа година сум апсолвент на Факултетот за музичка уметност во Скопје- соло пеење во класата на маестро Игор Дурловски. Никогаш не сум се откажал од забавната музика, но како студент на Факултет за музичка уметност, сфатив дека многу ја сакам и класичната музика. Класичната музика има посебна убавина и посебно значење за мене и ми претставува посебно задоволство да ја изучувам и интерпретирам.
Денис што е потребно за еден млад тенор да се развива и да прерасне во врвен оперски пејач?
Работа, работа и само работа … Според мене, најпрво неопходно е да го поседуваш талентот за пеење. Правилната работа со вистинскиот ментор, посветеноста, љубовта и истрајноста до крај во она што го работиш, како и силната желба, се клучни за успех во полето на музиката. Се’ друго отпеано без љубов, страст и емоција се само празни ноти со одредена висина, боја и траење кои не допираат до публиката.
Колку е искрено тешко или лесно да се плови во тие сериозни води на музиката, во делата на Моцарт, Верди, Вагнер и други врвни оперски композитори?
Секоја музика си има своја тежина, но мислам дека класичната музика претставува врв во музичката уметност со целиот свој раскош кој го поседува и бара голема посветеност, откажувања и жртви за да станеш врвен во својата професија. Секој од големите оперски композитори си има свои посебни карактеристики и барања до изведувачот.
Што има Денис Димоски сработено како свое дело, колку музички композиции има во твојот бекраунд?
Мојот прв деби албум излезе веднаш после детската Евровизија, во 2006-та година. “И светот е мал” содржи 8 авторски композиции. Сум настапувал на нашите македонски фестивали, Макфест и Охрид фест со мои авторски композии “Остани со мене”, “Дали ме сакаш” и “Малечка”.
Настапуваше на изборот на Ѕвездите на Пинк и ако не се лажам малку фалеше да дојдеш до финале. Сепак тоа беше огромен успех како за тебе, така и за Македонија. Колку тоа натпреварување ти помогна за твоја лична афирмација и која привилегија ти ја донесе?
Ѕвездите на Пинк за мене е едно големо искуство кое ми помогна мојот талент да го забележи пошироката јавност на Балканот. Искрено се надевам дека ви се допаднаа моите настапи иако имаше песни кои што многу сакав да ги отпеам, но не ми беа одобрени. Запознав многу нови луѓе со кои и до ден денес сум во контакт и го проширив мојот круг на пријатели.
Кои се твоите музички идоли, како од поп така и од класичната сцена?
Мој најголем идол е Тоше Проески. Од мал ги слушам и ги пеам неговите песни. Ги обожувам Бијонсе, Селин Дион и Витни Хјустон, а од класичната музика незаменливите Павароти и Марија Калас.
Што планира Денис Димоски во својата музичка кариера, што се стремиш да постигнеш во животот?
Моментално, заедно со мојот професор по соло пеење маестро Игор Дурловски интензивно работиме на материјалот за дипломскот концерт кој треба да се одржи на крајот на оваа учебна година. Исто така паралелно со тоа работам на мојата прва солистичка улога во мјузиклот Fiddler of the roof при Македонската опера и балет чија премиера е закажана на 9-ти Декември. Ги поканувам сите ваши читатели и љубители на оваа уметност на 9-ти Декември во 20 часот во МОБ на самата премиера.
Порака до читателите на маркукуле.мк и твоите верни фанови и поддржувачи од родниот град Прилеп.
Бидете секогаш свои и верувајте во себе, никогаш не откажувајте се од вашите соништа затоа што ако можеш да ги сонуваш, верувај дека можеш и да ги оствариш. “И најуспешниот човек во светот некогаш бил само “ОБИЧЕН” човек кој сонувал за “ГОЛЕМИОТ СВЕТ”. Слушајте добра музика и сакајте се, затоа што љубовта е единственото нешто што не одржува во живот.
Подготвил: Александар Георгиоски