Ристе Ристески, не е само собирач на пластика и картон
-Бил маѓепсник со топката, но оти не шутирал со глава не играл за клуб
Нема љубител на фудбалот кој не знае за Драгослав Шекуларац – Шеки, играчот на Црвена звезда, најголемиот дриблер на сите времиња, репрезентативец и миленик на некогашната Југославија. Неговиот двојник, 10 години помлад, се наоѓа тука меѓу нас, Ристе Ристески.
Името и презимето не значат речиси ништо, ако не се спомне дека тој е човекот кој секој ден го гледаме низ градов како со количка собира пластика и картони. И тоа е само површна слика. Вистината е – Шеки, неговиот прекар. Повозрасните го знаат само како Шеки, оти во детството и младоста играл фудбал како професионалецот Шеки.
Ги воодушевувал локалните фудбалски вљубеници со такви потези, финти. Многумина верувале дека и тој може да биде како светските ѕвезди. Како се почнало?
– Господ ме надари за фудбал уште од дете. Роден сум во Кален, Мариовско, а од мал, како ученик, живеев во градов, во интернатот. Додека учениците од библиотеката главно земаа романи, раскази, мене ми падна в очи една фудбалска книга. Ја зедов и не ја вратив, туку платив казна да ја задржам.
Беше тоа книга преведена од англиски на српски, во врска со англиската школа за фудбалот. Ја читав и препрочитував секој ден. За мене беше најубавата книга на светот.
На едно место пишуваше техника за давање гол. Ако научиш една мајсторија – како се постигнува гол, ти си најдобар играч на светот. Ги имаше сите возможни удари, техники.
Се што прочитав во книгата, потоа го вежбав. Се усовршив и во прием. И најсилната топка кон мене, ја смирував, како залепена на нога – вели Ристески.
Бргу се раширило низ градов дека има едно момче од Вишне Маало што изведува магионичарски трикови, играјќи фудбал. Сите што ја гледале Победа на стадионот, сакале да го гледаат и момчето Шеки на другите игралишта.
Кога заминал во војска во Свилајнац и Крагуевац и таму се воодушевувале на војничките натпревари и прашувале кој е овој прволигашки фудбалер.
Гласно размислувале да го препорачаат во Раднички, но тој одвај чекал да заврши војниот рок и да се врати во Прилеп. Пред враќањето му се случила повреда на главата. Паднал на камче фрлено од публиката, при еден дуел. Можеби тоа го спречило да стане професионален фудбалер.
– Ме чувал Господ, помина, ама оттогаш никако со глава не играв со топката. Кога се вратив, се вработив како продавач на ,,Црвени стени,, во Струга. Еден ден, кога нов голман дојде Истатов, мој врсник, појдов на тренинг на Победа. На тренерот му се бендисаа моите потези, но посака да види како шутирам со глава.
Со глава никако, му велам, главата е за мислење. Фудбалот се игра со нозе. Фудбал од англиски значи играње топка со нога. И не се погодивме, остана неисполнета желбата да играм за Победа, која сакаше барем еднаш да влези во Прва југословенска лига – се присетува Ристе.
Продолжил да игра низ градските игралишта. Најчесто кај Вишата економска. Многупати не го примале во тимот, ако се побунел противникот. Не сакале против него, оти знаеле дека сигурно ќе губат.
Бил полн со финти. Замавнувал со ногата, божем ќе шутира, а кога играчот противнички ќе поставел блок, Шеки лесно го поминувал. Ако немал со себе патики, играл успешно и бос.
Со двете нозе подеднакво се служел, дриблал или шутирал. Тоа е реткост во фудбалот. Можел и да ја префрли преку себе топката, да продолжи во акцијата и со волеј, атрактивно, да даде гол. Како вистинскиот Шеки. Но, самиот вели дека имало битна разлика меѓу нив.
-Шекуларац во шеесеттите години беше најпопуларен. Изведуваше финти со разни дриблинзи, ама целта му беше да го посрамоти противникот, Јас не го прифаќав тоа. Противникот не е за да го срамиш, да го исмееш пред публиката. Мене не ми беше тоа целта, само сакав да се надигрувам и да дадам гол. Голот е крајната цел во фудбалот – смета Ристе.
Продолжува во Италија, Франција, Монако, Холандија, Германија. Цела Европа ја прошетал и секаде работел сé и сешто, а за тоа што бил најмногу надарен – фудбалот, не можел да го игра. Некаде му недостигале документи, а во разговор на тренерите се видело дека го сакаат во клубот. Иако едниот тренер рекол ,,Не е многу по трчањето,,, друг се спротивставил ,,За трчање имаме колку што сакаш, ама како него дриблер немаме,,.
Во Кувајт не можел да игра, оти владата забранила странци. Така, шансата да заигра пред поширока јавност не му се исполнила, па единствено му преостанало да се воодушевува на домашните, југословенски и на интернационалните ѕвезди.
– Навивав за Црена ѕвезда, не за Партизан. Ја сакав црвената и белата боја. Црната боја не ми беше убава, потсетува на нешто црно, црнина. Кога даваа на телевизија фудбал, не пропуштав. Се сеќавам на Светското од 1962 година, во Чиле. Лав Јашин беше најдобриот голман, ама прими гол со удар во самиот ќош.
Си реков – тоа е удар, најдобриот голман да го совладаш. Најмногу ме бендисуваше Ди Стефано, опасен аргентински голгетер, како и Унгарците Пушкаш, Кочиш. И сегашниов фудбал го следам, ама приврзан сум за некогашниот. Сега повеќе се игра со сила – заврши некогашниот фудбалски волшебник, Ристе Ристески – Шеки.
Сонил резултати
Ристе порано играл тикети од Спортска прогноза. Еднаш бил многу блиску до голема награда. Погодил 11 резултати од 12 колку што биле на листата.
-Тоа беше во Југославија. На сон ми дојдоа резултатите, ама не ги запамтив сите 12. Единаесет сум запамтил и ги погодив, дванаесеттиот не. Така зедов само мала награда – вели Ристески.
Никогаш не се разболува
Во ова време на стравови и стресови луѓето се нападнати од многу болести и речиси секојдневие е посетата на доктор. Но, има луѓе што не се разболуваат. Таков е Шекиот. Нема поздрав човек од него.
-Педесет години не сум бил на доктор. Од денот кога како Господ да ми рече да не одам на доктор. И некаде прочитав оти и монасите од Света Гора не оделе. Оттогаш Господ ме лечи, а јас редовно се молам. Господ на сите подеднакво ни дава здравје. Секој човек може да биде здрав. Со добра мисла, со добро дело, може да ти се случи само добрина – вели тој.
Три години в пештера
Ако во средниот век имало светители, маченици, пустиножители, таков во овој век на компјутери е Шекиот. Како голем христијански верник имал подвиг со живеење в пешетра, во близина на родното село Кален. Доказ дека ништо не е неможно ако се има цврста волја.
-В пештера живеев три години, потполно сам. За храна само еднаш неделно одев до продавница и се враќав. Сум се среќавал со разни животинки, змии… Еднаш, змија која не сум ја видел дека е тука, ме касна и кога ја сетив, заминуваше. Со два заба ме каснала. Кога ја дигав раката, отровот на срце како да ме стегаше. Се помолив и – помина. Така, така заздраве и не се познава речиси ништо сега. И медицинска сестра се зачуди, оти воопшто не се познава. Господ лечи безболно – раскажува Шекиот.
Возел „Лада“
Во минатото возел разни моторни возила. Последно „Лада“ која ја купил со пари од бизнисот со картони, а неодамна ја продал. Сега не сака да вози, оти има хаос низ улиците.
– Има многу непримерни возачи. Неодамна една жена среде бел ден беше удрена во центаров. А бев совесен возач, најсовесен. Внимавав и на луѓето и на животните. Ни мало еже не сакав да повредам кога ми излезе на пат – кажува Ристески.
Извор: “Неделник ЗЕНИТ”