Првата самостојна изложба “Ротации” на прилепскиот уметник Кристијан Јованоски, од утре во галеријата на Цепенков

На 23 декември 2020/ среда/ од 12.00 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде поставена изложбата „Ротации“ од прилепскиот уметник Кристијан Јованоски. На Јованоски ова му е прва самостојна изложба по дипломирањето.

Кристијан Јованоски за „Ротации“

„Ротации“ е проект што ги поврзува неколку дела од 2018, 2019 и 2020 година. Како што и самиот наслов зборува сам за себе, визуелни прикази на едно т.н. патување и белег на искуства прикажани во простор. Станува збор за инсталација составена од слики, цртежи, иобјекти.Цртежот е основата по која почнав да ги гледам, проучувам и осознавам деталите во светот кој го живееме кои за мене се релевантни во креирањето, а со тоа и живеењето.

Реалноста со својата динамичност која се манифестира преку верига промени на настани е афирмацијата што го предизвика ова набљудување на едно константно патување. Восприемање на реалноста низ призмата на „тивките сознанија“ потсвесно ја буди постојаната потреба на бришење на мисловните стеги со цел да се допре до флуидноста на едно движење. Еден од сегментите кои ја надополнуваат водечката особина при едно живеење,како што е насочената мислата, така и патот/патувањето и идејата за истото.

Идејата за патот е една од основните причини на моите дејствувања кои се пласираат во различен облик но со иста цел, а тоа е потрагата по решение или одговор. Мобилноста на физичкото и потребата да отидеме на поубаво место ги сметам како акт на идејата за трансформација на мигот кој е непрепознатлив поради сопственото дистанцирање.

„Ротациии“ е проширен процес на набљудување а воедно и заобиколување на сопствените дејствувања, вонвременско и присуство од перспектива на набљудувач. Преку оваа инсталација се обидувам да прикажам проекција на одредени сегменти од едно сведочење, да ги отворам новите облици на толкување на нашиот интуитивен елемент, на свесноста за каузалноста која ја минуваме во временското, минливото. Цртежот го сметам за медиум кој прв го запознав и линијата е таа која ја гледам како се трансформира низ времето кога ја пренесувам на некаква подлога, а присутноста во создавањето ја сметам за владеење на мигот. Миговното дејствување е сведоштво на сопствените трауми, когнитивноста која е нужна за поставување прашања, што за мене претставуваат пресврт во сопствената динамика на дејствувањето.

„Ротации“ е токму тоа, скелет на кој се придржува постојаното раѓање при врежувањена секој нов потег и креативен чин, поклонување пред монументалноста на новите сознанија и свечената обвивка од творечкиот акт. Преку делата се обидувам да се поврзам со потеклото, битисувањето и целосната комплексна градба на едно постоење.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.