По навика, градоначалникот ПАК вети нов театар, затворениот базен подзаборави да го спомене

По повод 70 години од постоењето на театарот „Војдан Чернодрински“, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, денеска оствари средба со прилепскиот ансамбл.

На средбата, градоначалникот Јованоски го изрази своето задоволство од досегашната работа и постигнатите успеси на театарот. Истовремено, градоначалникот им се заблагодари на актерите и им оддаде признание за енергијата која ја вложуваат во својата работа, што придонесува за континуирано одржување на театарот „Војдан Чернодрински“ меѓу најдобритe во нашата држава.

На средбата беше разговарано и за проблемите со кои се соочуваат актерите, со посебен акцент на состојбата во која се наоѓа објектот и условите во кои работи ансамблот, а се’ со цел за што поскоро изнаоѓање начини за нивно отстранување.

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ одбележувањето на 70-годишнината од своето постоење го започна со премиерната изведба на претставата „Лажговци“. По повод јубилејот, помладата генерација од ансамблот во рамките на манифестацијата „Недела на театарот“, го изведе музичкиот перформанс „Move the beat with Actors and The Hounds“, а беа прикажани уште 5 други претстави од тековниот репертоар.

Од првото кревање на завесата со претставата „Кир Јања“, до премиерата на „Лажговци“, на сцената на тетарот „Војдан Чернодрински“ настапиле голем број актери и уметници кои дале свој придонес во развојот на театарот и на театарската уметност. Во своето седумдецениско опстојување, театарот „Војдан Чернодрински“ кој е дел од НУЦК „Марко Цепенков“, посебно внимание посветува на домашното творештво. Во изминатите години, на матичната сцена биле прикажани околу 350 премиери и изведени околу 7.000 претстави, кои ги виделе над 1.5 милиони луѓе.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.