Значаен дел во историјата на Прилеп и Прилепско зазема одгледувањето и обработката на тутун, како главна стопанска дејност не само за Прилеп и Прилепчани туку за цела Република Македонија. Како индустриска гранка која е еден од главните основи на приход кај многу домаќинства, тутунот е секојдневие за Прилепчани од месец мај до месец декември . Тутунот или жолтото злато, одлично се надополнува со поволната клима и почва кои го красат Прилеп, како и многуте сончеви денови во годината кои го прават ова подневје еден од најголемите центри за производство на суперквалитетен ориентален и полуориентален тутун.
Макотрпна и тешка работа ја одликува оваа индустриска билка, проткаена со многу пот и напор, со мирисот на скелињата за сушење во месец август и со почеток на денот во раните утрински часови, добро позната летна сезона за Прилепчани.
Точниот датум за тоа кога за прв пат тутунот ја поминал нашата граница не е познат. Според извесни извори се тврди дека тој бил донесен пред повеќе од 400 години од Османлиите кои се до средината на 19век биле главни одгледувачи на истиот, а подноцна и останатото население.
Првиот магацин за тутун изграден во Прилеп во 1873 година.
Сепак како момент на раѓање на тутунската индустрија во Прилеп се смета 1873 година кога е изграден првиот магацин за тутун во Прилеп, од страна на Отоманската управа на монополот. Од тогаш па се до денес оваа стопанска дејност доживеала големи промени, воздигнувања и падови, но никогаш не се избришала од работните навики на Прилепчани и нивните семејства.
Од раните почетоци на производство првиот значаен подем на оваа индустриска гранка е забележан за време на Младотурската револуција (1908-1912) кога за прв пат претставува најсилна страна на прилепското земјоделие. Подоцна за време на кралството на СХС е воведен монополски режим во производството на тутун.
Во 1920 година за прв пат се забележани поголеми површини засадени со тутун кога во Прилеп биле засадени 3 500 до 4 000 хектари, а произведени биле над 3,5 милиони кг тутун. Со оглед на тоа дека бившиот магацин изгорел, во 1922 година почнало ѕидањето на нов магацин со капацитет од 700 000 кг, додека пак во 1925 година е поправен магацинот на бившата режија и во него е сместена Тутунската опитна станица која подоцна во 1936 година прераснува во Институт за тутун, институција која до ден денес работи на истражувачки проекти за алтернативно искористување на тутунот како и за помагање на производството на тутун со стручни експертизи и обезбедување со семенски материјали на земјоделците.
Оваа институција од 1996 година својата дејност ја врши како јавна научна установа од ваков карактер и е членка на Универзитетот “Св. Климент Охридски” од Битола.
По почетниот подем и постојаното зголемување на производството во првите години и покрај можноста за уште поголемо производство и уште поголеми приливи за домаќинствата и за Југословенската федерација, поради интересите на монополот, тутунот се садел во ограничени количевства , а Југославија увезувала тутун. Па така во 1923 година, Југославија увезила тутун за 200 000 000 динари. Во тоа време Грција произвела 5,5 пати повеќе, Турција 6 пати повеќе, а Бугарија 2 пати повеќе тутун од Југославија иако тамошните услови не биле во ништо подобри од оние во Прилеп и Прилепско.
Како и денес така и порано за населението во Прилеп тутунот имал големо економско значење, бидејќи со неговото производство до максимум се искористувале природните услови. Оваа индустриска култура била можност да се засадат големи земјоделски површини кои не можеле да се засадат со други култури. Сепак најголема економска корист имала државата , бидејќи таа преку монополот и репресивниот финансиски систем во тоа време остварувала далеку поголеми приходи од оние на земјоделците. За илустрација на тоа ќе ви претставиме еден пример:
1924/25 година
- Вкупни државни приходи ………………………….. 10 838 448 358,67 дин.
- Приходи од сите државни монополи …………… 2 363 340 962,41 дин.
- Приходи на монополот од тутун …………………. 1 608 936 421,49 дин.
Ваква била положбата со приходи за сите години на бивша Југославија што говори за еден нехуман третман кон тутунопроизводителите кои секогаш биле потценувани и третирани како обични индивидуални земјоделци иако тутунот требало да го продадат на монополот до последен лист по однапред утврдени цени. Тутунопроизводителите иако и создавале огромни приходи на државата, таа не водела грижа за нив, ниту за нивното обезбедување со средства за работа, со станови, социјално и здравствено обезбедување, давање помош и слично.
Во денешни услови оваа индустрија е во подем во Прилеп и Прилепско. Комбинатот ги преброди долговите стекнати низ транзицискиот период и недомаќинското работење, државата ги помага индивидуалните земјоделци со субвенции од 60 денари за предаден килограм тутун, а договорот скулучен помеѓу Тутунскиот Комбинат од Прилеп и мега гигантот во тутунската индустрија Филип Морис за стратешко партнерство ќе значи осовременување на оваа индустрија во Прилеп во иднина како и наново окрупнување на производството.
Подготви: Александар Георгиоски