Во пријателски натпревар кој се одигра вчера попладне на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, пред повеќе од 2.000 гледачи, Победа и Вардар одиграа без победник 1-1.
Но, според прикажаната игра, созоадените шанси и 4-те погодени стативи, Победа заслужи убедлив триумф, а Вардар се спаси од висок пораз.
Избраниците на Крстески одиграа одличен меч со многу трка, желба и залагање, и во сите елементи на фудбалската игра го надиграа гостинот од Скопје.
Гледачите имаа можност да видат добар натпревар. Тоа беше меч на стартите и лути ривали, во кој и денес дојде до израз деценискиот ривалитет на двата клуба, без оглед што се работеше за пријателски натпревар.
Се играше како да е тоа меч за бодови, тврдо, машки, агресивно, со доста дуел игра, со остри стартови, за кои имаше и доста жолти картони.
Се она што фудбалот го прави машка игра на два тима кои сакаат да победат. Иако имаше игра надвор од 16-тникот на младиот вардаров голман Стојковски, за што доби црвен картон, по инсистирање на тренерот на Победа Крстески, гостите сепак продолжија со 11 играчи од 36-тата минута до крајот.
Вардар поведе во 31-та минута преку Стојкоски, по прекин од корнер, а Победа израмни со евро-гол од слободен удар на Дарко Ангелески во 37-та минута.
За сето залагање и борба на теренот сепак победашите не беа наградени, затоа што вчера среќата им го сврти грбот.
Дури 4 пати стативата и пречката го спасуваа голот на Вардар, по ударите на Карчески, во два наврати Бојан Спиркоски и Ангелески, а дека Вардар беше инфериорен говори и фактот дека голманите на Победа, Столевски во првото и Котевски во второто полувреме, немаа ниту една посериозна интервенција.
Мечот инаку започна со едноминутно молчење во чест на неодамна починатите: долгододишниот прв човек на Победа Александар Забрчанец, поранешниот голман и капшитен на Победа Гоце Груевски и навивачот Сотир Илиески.
Крајот на натпреварот го проследи и еден инцидент. Се играше 92.минута кога на центарот на игралиштето гостинскиот фудбалер Пеев направил фаул, потоа дошло до кошкање на играчите на двете екипи. Од таборот на Вардар велат дека на теренот од страна на публиката било фрлено и шише. По тој инцидент судијата одлучил да свири крај.