Учениците и наставниците од ООУ,,Кочо Рацин”, вчера, празнично, како што е редот, прославија на свој начин. Со мотото ,,Хумани на свој начин” покажаа дека хуманоста може да се покаже на многу начини, зашто таа е особина која ја облагородува душата и го разнежнува срцето.
Дваесет седмоодделенци говореа на тема ,,Сакаме среќно детство за сите деца во светот”. Користејќи го најмоќното оружје во светот – зборовите покажаа дека нивните срца се доволно големи за да ги згреат со љубов сите оние на кои таа им е потребна. Порачаа дека ќе се обидат да бидат храбри, истрајни во нивните намери и дека секогаш ќе го слушаат гласот на срцето. Нивната порака беше јасна – хуманоста е нешто најубаво, таа внесува некое поинакво и посебно чувство во сите нас, прави срцата да ни бидат исполнети како небото и топли како срцето.
Сите учесници беа прекрасни, секој имаше интересен, на свој начин посебен говор. Петчлената комисија имаше навистина тешка задача, но сепак на крајот тројца ученици ги добија епитетите – најдобри оратори. Марко Аврамоски освои трето место, Ангела Везироска заслужено го доби второто место, а животната приказна на Николче Ангеловски кој го освои почесното прво место никого не го остави рамнодушен.
Нивниот ментор, наставничката по Македонски јазик, Наташа Кулевска кажа дека учениците најмногу сакаат активности надвор од училишните клупи каде ќе можат да ги покажат своите јазични способности и ќе се потруди во иднина истите да бидат многубројни. Јавните настапи особено помагаат во развивањето на ораторските вештини кои пак во современата настава и тоа како се потребни.