Поранешниот главен и одговорен уредник на Македонската радио телевизија, Диме Ратајковски, објави историско видео од архивата на државниот сервис
Се работи за сведоштва за Илинденското востание од крушевчани, а видео материјалот потекнува од делечната 1968 година
„Секоја бука – кумита. Секое гранче – мартинче. Секое ливче – коланче“ – така си потпевнуваше Никола Карев.
„УРА! УРА! УРА! Дојдоа нашите…“
Чујте еден краток дел од приказната на крушевчани, сведоци на Републиката и востанието од богатата ризница на Телевизија Скопје (МТВ). Курири, јатаци, пријатели и роднини се сеќаваат на славните денови од „Илинденската епопеја“ од 1903 година, документирани од македонскиот писател и новинар во документарната програма на Телевизија Скопје, Гого Ивановски.
Овие селективно објавени илинденски сведоштва се само еден мал дел од целокупната колекција, парцијално објавени за прв пат во 1968 година. Сеќавањата претставуваат уникатен и единствен аудиовизуелен извор на преживеани сведоци од Илинденското востание, кои во шеесетите години од минатиот век грижливо се собирани низ цела Македонија како значајно историско наследство и богатство. Чујте ја приказната за тоа како пукнала првата пушка во крушевската чаршија! Како камбаните на трите цркви ја навестиле слободата! Кој бил Никола Карев и кому му бил лут Питу Гули? За чија и каква слобода се бореле востаниците?
Иако во поодминати години, сеќавањата за овој настан се силно врежани во колективната меморија на Македонецот. Сеќавања од едни други времиња и животи, кога „Турската Империја беше велесила и кога ниедна друга сила во Европа не се најде да му подаде рака помошница на нашиот голорак народ, за да си го издејствува и тој правото за живот во една братска заедница со народите во светот.
Крушовската Република имаше кус век, како и востаниците што за неа се бореа. Но, остана нешто друго по нив, нешто трајно и постојано што се врзува со нас и со тие што по нас ќе дојдат како наш сопствен нераскинлив и неотуѓив дел.“ (Г.Ивановски, ТВ серијал – Илинденската епопеја);
НЕКА НИ Е ЧЕСТИТ И ВЕКОВИТ ИЛИНДЕН!