Николоски: Mojoт реизбор за потпретседател на ЕПП во Советот на Европа е потврда за поддршката која ја има ВМРО-ДПМНЕ

Европската Народна Партија е најголема политичка партија во Европа, има најмногу пратеници во ЕП, и најмногу пратеници во Парламентарното собрание на Советот на Европа каде што сум и јас. Има и најмногу премиери и претседатели во држави кои што се земји членки на ЕУ, и ја има и претседателката на ЕУ, Урсула Фон Дер Лајен“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „За или против“ на Алфа телевизија говорејќи за тоа што беше реизбран за потпретседател на групата на Европската народна партија во Советот на Европа.

„Доаѓате од мала држава како што е Македонија, сме во земјите кои што имаат најмалку гласови затоа што оди и според пропорција на број на жители. Мислам дека е сериозно достигнување, но други треба да зборуваат за мене. Но, факт е дека е сериозно достигнување“, појасни Николоски.

Тој додаде дека залудно е оцрнувањето на власта кон ВМРО-ДПМНЕ, сепак делата говорат дека ВМРО-ДПМНЕ се залага за да Македонија влезе во ЕУ.

„СДС и ДУИ многу сакаат да се фалат со поддршка на странците. Но, не гледам дека нив ги бираат на било која позиција, еве нас не бираат. Не можам да се сетам за ниеден посериозен избор на било која позиција од страна на кандидат номиниран од СДС или ДУИ. А, запазете плус се владејачки партии и ја имаат целата логистика на Владата, на македонската дипломатија, итн.“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Николоски посочи дека тој сам успеал бидејќи ја нема логистиката како што ја имаат партиите кои што се на власт.

„Не видов на пример да било кој од Македонија да е избран па макар и за обичен чинар, или писар во било која институција каде што Македонија членува. Еве со ОБСЕ претседававме, не слушнав дека било кој од Македонија е избран пошта да прима во ОБСЕ. А, да не зборувам за посериозна позиција“, нагласи Николоски.

Тој рече дека од власта не можат да се пробијат ниту во некоја од институциите во кои што Македонија членува. А, тоа говори дека власта е неспособна.

„Таму не се пробивате со корупција, таму се пробивате со квалитет“, нагласи тој.

„Македонија имаше единствена можност да организира самит на ОБСЕ во рамки на сопствено претседателство, самитот наместо да е за Македонија победа стана пораз од причина што се наместија два тендери“, заклучи Николоски.

Тој укажа дека поради власта се вакви состојбите во Македонија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.