Во чест на Коле Чашуле – авторот во фокус на претстојното 57. издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, синоќа на “Могилата на непобедените”, беше одигран Музичко-драмскиот перформанс „Црнила ремикс“ во режија на Јордан Симонов.
Гостувањето е подарок на театарскиот фестивал за својата публика во Прилеп, вели Ана Стојаноска, директорка на фестивалот.
-Како што Коле Чашуле го посвети името Могила на непобедените, така МТФ „Војдан Чернодрински” го посветува овој настан на нашиот автор во фокус Коле Чашуле – вели Стојаноска.
„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на „Зад аголот“ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.
Претставата имаше премиера на 28 септември 2018 година. За музиката и препевот во претставата се погрижија Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад аголот“). Улогите ги толкуваат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска (Емилија Мицевска), Павле Димковски. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска. За видеото се погрижија Милан Блажевски и Борис Таковски.
Дизајнер на тон – Симон Кипровски, дизајнер на светло – Илија Тарчуговски. Графичкиот дизајн е на Бисера Михајловска, а за фотографијата се погрижи Кире Галевски. Продуцент е Русе Арсов.