Според неофицијални информации дознаваме дека на овогодинешното 17-то по ред издание на фестивалот на скарата и пивото во Прилеп, по втор пат по пауза од 9 години, ќе настапи балканската ѕвезда Светлана Цеца Ражнатовиќ.
“Пивофест 2019” ќе се одржи од 18-21 јули, а програмата сеуште не е позната.
Иако во изминатите години фестивалот беше дебело критикуван oд сегашните актуелни власти и нивните први луѓе, и оваа година “Пивофест” ќе се одржи на старата локација во центарот на градот, а тоа е потврдено и во најновиот Службен гласник на Општина Прилеп.
Она што е интересно е тоа дека актуелните функционери и партиски луѓе на локалната власт во Прилеп беа најгласни во изминатите години кога на фестивалската сцена настапуваа изведувачи од екс ЈУ просторите, па фестивалот го нарекуваа вашар, панаѓур, “сељачка манифестација”….
Сепак, ништо не променија, па минатата година на сцената во Прилеп го донесоа сега починатиот Шабан Шаулиќ.
Оваа година интересно беше и тоа што огласот кој општина Прилеп го објави за избор на организатор на фестивалот траеше само 3 дена.
Огласот беше објавен на 29.05.2019, а траеше до 01.06.2019. Вредноста која треба да ја добие организаторот е 2.5 милиони денари, па сеуште е непознато кој ќе го организира седумнаесеттиот по ред фестивал во Прилеп.
Ова предизвика низа реакции во јавноста, особено околу времетраењето на огласот, па граѓаните прашуваа што и дали сака нешто да скрие актуелниот градоначалник Илија Јованоски?