Музичкиот настан „Градот ме тера да пеам“ денеска во Битола

Денеска во Битола се реализира целодневен музички настан „Градот ме тера да пеам“ во рамки на програмата на фестивалот АКТО 19 „Јавни простори во движење (кон) II“ во партнерска соработка со платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ.

Во рамки на настанот со концертни и диџеј настапи ќе се претстави дел од македонската музичка сцена составена од млади и талентирани автори и изведувачи, чии квалитет и творештво е јадрото на домашната современа урбана култура. Програмата ќе се реализира на две локации.

Преку ден во кафе барот Јагода од 12 до 16 часот, на битолскиот широк сокак ќе се промовира ПОП КУЛТУРА – винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари. Ова исклучително винил издание е реализирано како дел од платформата СИЛАТА ЕУ МЛАДИТЕ и опфаќа песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена.

Вечерната програма од 22 часот до 5 часот наутро ќе се реализира во култниот битолски клуб Јагода и ќе се состои од концертни настапи на младата генерација музичари и музичкиот избор на млади диџеи.

„Градот ме тера да пеам“ е една од бројните програми уредени од Мирко Попов, реализирани во соработка со пријателите од Битола и со фестивалот АКТО како долгогодишен придвижувач на современата мисла, уметност и култура.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.