„Ла Ла Ленд“ беше апсолутниот победник на синоќешното 74. доделување на наградите „Златни глобуси“ во Беверли Хилс, Калифорнија. Филмот со Ема Стоун и со Рајан Гослинг ги освои сите седум награди во кои беше номиниран, меѓу кои и тие за најдобар филм мјузикл мили комедија, најдобар режисер, најдоброи сценарио и наградите за главни улоги во машка и женска конкуренција.
Меѓу добитниците со најмногу статуетки беа двете драми за созревањето „Месечева светлина“ и „Манчестер покрај морето“.
Наградата за најдобар филм драма ја освои токму „Месечева светлина“. Изабел Хуперт е прогласена за најдобра актерка во главна улога во филм драма („Таа“), а Кејси Афлек доби „Златен глобус“ во машка конкуренција („Манчестер покрај морето“).
Арон Тејлор Џонсон („Ноќни животни“) и Вајола Дејвис („Огради“) ги добија признанијата за најдобра споредна улога во драма.
Меѓу анимираните филмови „Моана“, „Мојот живот како тиква“ и другите триумфира „Зоотопија“.
„Златен глобус“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје е избран „Таа“ (Франција).
Во делот на телевизиските награди, за најдобра серија драма беше избрана „Круната“, а наградите за најдобра улога во машка и во женска конкуренција ги добија Били Боб Тортон („Голијат“), односно Клер Фој („Круната“).
Број 1 ТВ-серија мјузикл или комедија за 2017 година е „Атланта“, а Доналд Гловер од истата серија ја доби наградата за најдобра машка улога во ТВ-серија.
Свеченото доделување на наградите за најдобри филмски и телевизиски остварувања, ја водеше комичарот Џими Фалон, со помош на бројни холивудски ѕвезди како Стив Карел, Мет Дејмон и Никол Кидман.
Наградата за животно дело „Сесил Б. Демил“ ѝ припадна на Мерил Стрип, осумкратна добитничка на „Златен глобус“ и носителка на триесет номинации за наградата.