Жарко Димитриоски е моментално најкултната личност во ТВ етерот во Македонија. Од улогата на Диме Такси во легендарната ТВ серија “Големи и Maли” со која пораснаја многу генарации, до шоумен и сопствена продукција “Eден на Еден” која опстојува веќе 7 години и е најгледана шоу контактна емисија од македонската публика. Жаре едноставно плени со својот начин на хумор и допира до секаков тип на аудиториум. Несебично ја прифати нашата покана за интервју и споделува ексклузивни новости за себе, својата кариера и планови во иднина со читателите на маркукуле.мк
Здраво Жаре, најпрво чест ни е што прифати да одговориш на нашата покана за интервју на веб порталот маркукуле.мк.
Задоволството е обострано.
Каде се почетоците на Жарко Димитриоски, кога за прв пат се појави интерес за ТВ екраните и за она што го работиш?
Читам и пишувам од две ипол години и поради тоа малку ми било досадно во прво одделение, па често сум се нервирал ако некој лошо напише буква или нешто слично, сум бил grammar-nazi како што викаат. Поради тоа мојата тогашна учителка Тинка на моите родители им предложила да ме однесат на аудиција во Детското Драмско Студио на МРТВ. Имав 6 години, а минимумот беше 7. Сепак, за моја среќа им бев многу симпатичен на тетките и чичковците таму и за мене направија исклучок. Првпат на ТВ се појавив во Здраво Генијалци со Туфи и Двојче, двајцата актуелни градоначалници. Имав многу мала улога, требаше само да гледам во камера и да мафтам, буквално само тоа. Ама иако не бев главна улога, мислам дека е доволно да бидам и јас градоначалник некогаш!
Прилеп имаше прилика годинава да те види како водител на најголемата кај нас манифестатија Пивофест. Што значеше за тебе ова да бидеш од таа страна на бината и да најавиш такви големи музички имиња какви што има на Пивофест?
Многу ми беше ќеиф што го водев Пивофест годинава и искрено преубаво си поминав. Прилепчани беа ептен добри домаќини, запознав одлични луѓе со кои сум редовно во контакт, само позитивни работи за Прилеп! Со пејачите нешто премногу не се дружев, строго протоколарно ама затоа со Прилепчани секоја вечер бев во Калипсо до сабајле.
Твојата шоуемисија ЕДЕН НА ЕДЕН даде нов шмек на ТВ етерот во Македонија. Кога започнува новата сезона и дали ќе се емитува на старата локација, Алфа телевизија и оваа година?
Како и минатата сезона, така и оваа седма сезона од шоуто ќе почне во ноември и ќе трае до мај. Ексклузивно за тебе првпат ќе откријам дека нема да се емитува на Алфа и дека ќе смениме локација оваа сезона. Менуваме национална телевизија, но регионалните телевизии каде се емитуваме ќе бидат исти, така што Канал Визија не ја менуваме.
Колку гости поминале низ твоето шоу и дали можеш да одделиш некое гостување кое ти е најдраго?
Па сигурно околу 100 гости во сите 6 досегашни сезони. Најдраги ми се гостувањата на редовните мои гости со кои сум и добар пријател приватно. Игор Џамбазов, Влатко Стефановски, момците од К-15, Пеце Суперхикс и сл.
Знаеме дека Жаре е главен организатор на “Балкан стенд Ап” најпознатото шоу од таков карактер во регионов. Како течат подготовките околку идното издание?
Прво да ја почнеме новата сезона од тв емисијата, па ќе размислиме околу стенд апот. Треба да направиме нов Балкан Стенд Ап наскоро, тоа е сигурно. Само сакаме да бидеме доволно релаксирани и да имаме доволно време саглам да му се посветиме.
Koj e патот до успехот според тебе?
Нема такво нешто. Она што постои се неколку клучни работи. Треба да го сакаш тоа што го работиш, секојдневно да се едуцираш за истото, да бидеш ентузијаст и позитивец и најважно од се да работиш повеќе од што некогаш си мислел дека е возможно да се работи.
Што му недостасува на Македонскиот ТВ етер според тебе, на што би требало да обрнат внимание главните уредници на ТВ куќите во Македонија?
Знам што не му недостасува!Ах… Многу длабок и долг одговор треба да се даде на ова прашање, а убеден сум дека сите веќе мнооогу добро го знаат одговорот ама некако не гледам ни сантиметар да се мрднат работите во правец кои навидум сите го посакуваат. Знам само дека политикава на игнорирање на домашна продукција и одбивање да се вложи во нешто квалитетно и одење само на ефтин бучкуруш еден ден ќе ни се удри од глава многу јако. Ама абер нема нешто да се промени, така да свиркај си.
Кои се плановите на Жарко Димитриоски во иднина и што би сакал да постигнеш во твојата ТВ кариера?
Многу ми е мерак што маркетинг агенцијата Еден на Еден расте секојдевно и што имаме на што да бидеме горди во тој поглед. Навистина, ако земеш како го делам времето ќе видиш дека ни една петтина од него не трошам на тв шоуто, се ми оди на ангажманот како креативен директор во агенциајта Еден на Еден. Ама тоа е тоа што сакам да го правам, имам супер тим и одлични клиенти со мене, не би го менувал ова за ништо.
Што би им порачале на читателите на markukule.mk?
Да го читаат порталот, да уживаат во животот и што побрзо да се спознаат и осознаат себеси. Да работат нешто за што имаат страст, да се борат и да веруваат во себе без разлика што прават.
Дали до година би сакал да бидеш дел од Пивофест и да го пренесиш на одличен начин како што тоа беше оваа година?
Ти благодарам на комплиментот и – АПСОЛУТНО!
Ти благодариме за одвоеното време и ти посакуваме многу успех, многу успешни проекти и многу интересни гости во иднина.
Благодарам за супер интервјуто, поздрав до цела публика на Маркукуле и нека го чекаат стартот на Еден на Еден сезона 7 во ноември!
Подготви: Александар Георгиоски