Strings Ladies е прекрасен спој на млади професионални музичари на гудачки инструменти, чии настапи досега ги краселе голем број свечености и манифестации. Девојките од составот се музичари, народски кажано со “педигре”, односно со завршени студии на Музичката академија во Скопје и работат во Македонска филхармонија, Македонската опера и балет и како професорки по својот инструмент. Ги краси врвен музички талент, како и огромна љубов и посветеност кон она што го работат, а за тоа ќе ви потврди секој кој досега уживал во некој нивен настап. Во продолжение разговараме со Марија Јанчулеска oд Прилеп, маестрална виолинистка која ни открива повеќе за String Ladies.
Каде се вашите почетоци, како настана идејата за формирање на бендот?
-Сите ние сме веќе професионални музичари завршени на Факултетот за музичка уметност во Скопје, вработени во Македонска филхармонија, Опера и исто така и професорки по својот инструмент. Формирањето на бендот Strings Ladies дојде многу случајно и спонтано, преку дружењата и секојдневните проби со разни оркестри се до негде причина ние да се споиме.
Кој е креаторот на Strings Ladies или секој член си има свој удел?
-Идејата првично беше моја, бидејќи сакав да направиме нешто свое, но секоја си има свои обврски и се вложува максимално, во врска со стајлинг, организација, превоз итн.
Класичната музика е алката која ве спои, но од каде ја црпите вашата инспирација?
-Генерално инспирација црпиме од нашето секојдневие. Животот е полн со убави и не толку убави работи, предизвици, пречки, а сето тоа е доволно за да ве инспирира.
Каква музика слушате приватно?
-Секоја убава музика која е пријатна за слушање, стилот ни е разновиден ,странска, поп, рок, стари македонски народни песни, значи сè освен турбофолк.
Какви се реакциите на публиката? Дали мислите дека настапувањето во женски бенд е предност или пречка?
-Публиката е секогаш воодушевена и задоволна. Дали бендот е машки, женски или мешан не треба да претставува ниту предност ниту пречка во професионализмот, а посебно во уметноста (музиката) нема предрасуди.
Која е најпрепознатливата карактеристика на Strings Ladies?
– Самото тоа што сме ladies 🙂 и свириме на гудачки инструменти мислам е доволна карактеристика на бендот. Синхронизирани сме во барањата на клиентите и карактеристични по нашата едноставност и професионализам.
Каде можиме да ги видиме Strings Ladies и како може да се контактира со вас?
– Strings Ladies имаат Фб и имаат инста профил, под истото име, а контакт има на самите профили, или можат да ни пишат преку порака на фб, инста или на Вибер.
Дали можеби размислувате и за сопствено авторско дело?
-Засега се размислува и дискутира за правење на неколку концерти на класична музика низ државава во нареднава 2024 година, но зошто и да не пробаме да направиме нешто наше.
Формула за успех
– Формулата за успех според мене е секогаш во сплотеноста на работата и желбата за тоа што се работи. Кога се работи со љубов и задоволство, успехот е неминовен, а ние го работиме тоа што го сакаме и со најголемо задоволство и нетрпение ги очекуваме нашите идни предизвици.