Прилепските грации од клубот за естетска гимнастика “АВАНТГАРД”, блеснаа на силниот Меѓународен турнир во оваа дисциплина на гимнастиката “СЕВАЉА МУЈИЌ”, кој минатиот викенд се одржа во спортската сала “Амел Бецковиќ” во Сараево.
Девојките ги освоија следните награди:
Анастасија Нешкоска – сребро со реквизит лента и бронза со топка
Марија Тошеска: два сребрени медали со обрач и топка
Јована Везенкоска: петто место без реквизит и сребро со топка
Илина Кузманоска: две четврти места без реквизит и со чуњеви
Јана Димоска: прво место без реквизит и осмо со обрач
Галена Ацеска: сребро со обрач
Мелани Ристеска: сребро без реквизит
Нашите гимнастичарки по којзнае кој пат покажаа дека овој спорт може да биде во самиот врв во Македонија, дека имаме капацитет и таленти, но за жал ни недостасуваат услови. Токму тоа и ги мачи во клубот, каде тренерот Александра Стојаноска прави надчовечки напори за овие деца да растат и да се развиваат во врвни македонски спортисти.
Надлежните сепак треба час поскоро да изнајдат начин и да го помогнат клубот, пред се со неопходни реквизити, а потоа и со пристојни услови за одржување тренинзи. Она што во моментов им е најнеопходно е нова теписон подлога наменета за оваа дисциплина. Овие деца заслужуваат, овие деца се наши амбасадори!