После синоќешните и утринските врнежи од снег, екипите се на терен и непрекинато работат на расчистување на улиците и патиштата во нашата општина. Со соодветна механизација коловозите се расчистени и посипани со сол и ризла за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот. Од утрово на терен исто така се и екипи на ЈКП Комуналец – Прилеп – напиша на социјалните мрежи градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески.
-Апелираме до сите граѓани, куќни совети и сопственици на деловни објекти да се придржуваат кон законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти. Со заеднички напори ќе обезбедиме безбедно и олеснето движење, како и непречено извршување на секојдневните обврски за сите.
Исто така, упатуваме апел до сите сопственици на возила да ги дислоцираат паркираните возила од коловозите, особено во централното градско подрачје и на потесните улици, за да овозможат непречен пристап на механизацијата и екипите кои интензивно работат на терен.
Ви благодариме за вашата соработка и разбирање. Продолжуваме да ја следиме состојбата и да вложуваме максимални напори за непречено и безбедно функционирање во зимски услови! Вашата безбедност е наш приоритет – стои во објавата на Јовчески.