Генијална колумна на екс министерот во МНР Никола Попоски

A Nivici tale
Да можеме Благуна да ја прашаме за нашите јадови околу текстот од Нивици, би ја зачудиле.

За Нивици

1. Флинт, Мичиген. Семеен ресторан каде што дневно поминуваат стотици добронамерници поврзани со локалната индустрија. Најдобро кафе и палачинки на 30 милји. Два сина на Благуна водат одличен бизнис во ’80-тите. Старицата има сѐ да биде среќна. Но за неа бизнисот е ништо. Живее со трауми од војна и растурено семејство. Сето, до темел и чиниш неповратно. Има една цел: пред да умрам мора да ги соберам сите деца на едно место! Другото е само шум.

2. Ташкент, Узбекистан. Никола е израснат како сирак. Образован. Во ’70-тите се жени со Ирина, добива ќерка и син. Секогаш одмерен и грижлив родител. Потоа, се сели најблиску што смее до родното место. Гради кариера како инженер во еден од индустриските гиганти на Југославија – ЕМО.

3. Охрид, Македонија. Коста е прв сопственик на лонгборд и вокмен во пошироката околина. Татко му ги донесе од Америка. Цело маало сакаше да ги види направиите од телевизија во живо. Од тогаш чинам порадосен не може да се биде… сѐ до денот кога се ожени со Македонка и кратко потоа… кога се роди Ања.

4. Атина, Грција. Велика израсна во куќата на Јанис и Анастасија. Jа вдомија во војната и ја изгледаа како свое чедо. Преку Црвениот крст години подоцна, разбра како брат и Филип таа ноќ се извлекол од Нивици. Од ноќта кога татко им Васил пред очи им беше заклан, заради таа проклета униформа на ДАГ, која висеше крај рибарските мрежи на таванот, сите чеда на Благуна се беа распослале од Ташкент, преку Атина и Охрид, дури до Флинт. Велика (сугарето) никогаш не ја беше напуштила Грција. Но 4 децении подоцна еве ја како лебди од возбуда по поканата на Филип (првенецот) за свадбата на неговиот син. Братот ѝ беше писал дека мајка им живее сите овие години со само една помисла. Еден миг со сите чеда на едно место е тој летен ден во Мичиген, 1985 година. Душата на мајка си дојде на место. Ден потоа Благуна почина.

5. Нивици, Грција. Мајка со 4 женски и 4 машки чеда. Бара спас преку планина сред воена операција. Во хаос, успева да протне само едно. Други по помош на сите страни.

 

За Вилаетот

70 години подоцна, во Нивици, Западна Македонија, се собираат телохранители, полицајци, монтери и неколкумина фино-машносани и велат дека тоа што го прават дента било историско. Треба да им се верува. Само… да беше жива Благуна, веројатно ќе кажеше дека историско било тогаш, кога гледала да спаси чедо повеќе, а не сега во мир.

На 40-тина км од тука, во толпа се дискутира за историското. Ања смирено во количка набљудува граѓани и политичари како дефилираат. Има прабаба од Нивици и различна перспектива.

Кумот на Ања има една навика. Кога најжестоко дискутираме, знае тивко реторички да праша. По сите тези спрострени на Широк сокак, вели: „Сѐ е така, ама никој не кажа ако средиме да не помине овој отпадок од договор, кој е планот за следните 5 години?“

Малку лицитираме чаршиски – Може Грците ќе се вратат и ќе понудат подобар за нас… Американците ќе се откажат од НАТО… Ќе прекинеме да преговараме и ќе објавиме неутралност… Ќе пропадне ЕУ, па нема да треба да им попуштаме везден на Грците… Само на плажа таму ќе одиме, нели… (загрижено дофрла некој од екипата со летен план за Полихроно)… Ќе си го вратиме името на аеродромот барем… Ќе бидеме Швајцарија, таму ништо не им фали… Ако не, барем ќе се спојат Обединета Македонија и Голема Албанија… А бе како и да земеш, Егејско ќе биде секогаш потопло од Јадранско и лете и зиме… и сѐ така додека некој не нѐ пресече… Владата побрзо ќе ги покачи платите на докторите за 0,1% и нема да заминат.

Растурачи на забави сме имале секогаш на претек. Еден итар Чкембар нѐ потопи со информација дека наводно Нивици подолго било во „Битолски вилает“ отколку во „Западна Македонија“. Крај не може да ни се фати.

 

За Македонија

Да можеме Благуна да ја прашаме за нашите јадови околу текстот од Нивици, би ја зачудиле. Можеби би рекла – „не знаете вие што е јад… од мајка… која под бомби губи чеда и ги бара цел свој живот за да ги спои, макар за миг“. И никогаш да не дознаете!

Некои велат сето тоа се случило зашто била Македонка. Други пак велат дека тоа е само „колатерала“ од борба меѓу диктатори за превласт.

Меѓу нејзините чеда и внуци има такви на кои прв јазик е македонскиот, за други грчкиот, за трети англискиот, за четврти рускиот. Кој каде се нашол и раснел. Судбина. А никој од нив не е помалку или повеќе Македонец од другите. И сите исто биле посакувани од мајка и баба.

И по таква судбина за Благуна, нејзината правнука Ања, има мајка што се вика Македонка. Ања ќе расне и учи како насила сме се правеле Нордијци. Без разлика, нема да е помалку Македонка ниту од прабаба ѝ, ниту пак од мајка ѝ. За разлика од Благуна, Ања покрај македонскиот ќе говори уште едно три-четири јазици. Ќе почитува и нема да прави разлика поради мајчин јазик, вера или потекло на кое било чедо на Македонија. А кога ќе оди да навива на светско ракомет, ќе чуе громогласно од илјади грла: За когооооо??? За Македонијаааааа!!!!!

Никола Попоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.