Во целиот регион кој го покрива Центарот за јавно здравје – Прилеп досега тестирани се 280 лица, 75 се позитивни, а од 74 се чекаат резултати

Татјана Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје – Прилеп на денешната прес конференција во Општина Прилеп, истакна дека порастот на заболени со коронавирус во општина Прилеп е очекуван и дека не станува збор за драматично зголемување на бројот на инфицирани.

„Треба да сфатиме дека епидемијата има свој тек. Ние само што ја поминавме првата фаза, сега се наоѓаме во втората фаза во која, како што кажа и министерот, сеуште очекуваме пораст на бројот на заболени. Се надеваме и сите работиме тој раст да не биде остар. Во Прилеп линијата на пораст не е остра, ако имаме во предвид колку заболени имавме на самиот почеток на епидемијата. Не е тоа остро, оди очекувано“, потенцираше д-р Станимировиќ.

Според зборовите на докторката Станимировиќ, од целиот регион кој го покрива Центарот за јавно здравје – Прилеп, а тоа се општините Прилеп, Долнени, Крушево и Кривогаштани, досега се тестирани вкупно 280 лица. Од нив, 75 се позитивни, а за 74 лица се чекаат резултати. Меѓу инфицираните се наоѓаат и шестмина здравствени работници.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.