Наскоро во седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се очекува обраќање на претседателот на партијата Никола Груевски.
Прес-конференцијата на Груевски доаѓа откако претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски за во 23 часот ја закажа 95-тата седница на Собранието на чиј дневен ред е одлуката за изменување на одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија.
Оваа одлука е предложена од пратениците од ДУИ и ДПА, а за иницијативата свој потпис ставила и пратеничката Лилјана Поповска.
Со одлуката се предвидува менување на членот 2 од веќе донесената одлука Парламентот да се распушти на 24 февруари и се бара тој датум да биде 7 април оваа година.
Доколку се земе предвид дека Парламентот се распушта 60 дена пред одржување на изборите, предвремените парламентарни избори треба да се одржат на 5 јуни.
Собраниските служби информираат дека вечерва министрите и дополнителните заменици министри од СДСМ лично ги повлекле условените оставки што денеска ги поднесоа до Владата.