ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за консултативен референдум: Прашањето е непрецизно, повеќезначно и манипулативно

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ излегоа од собраниската сала пред гласањето на одлуката за референдум откако нивната пратеник Никола Мицевски го изнесе партискиот став дека референдумското прашање е непрецизно, повеќезначно и манипулативно за јавноста.

Со тоа што е консултативен референдумот, рече тој, се отвора можност резултатот да се толкува како што се сака.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе два амандмана на Предлог одлуката за распишување референдум, но не присуствуваа кога беа ставени на дневен ред и беа одбиени на гласањето.

Инаку, Собранието на Република Македонија со 68 гласови „за“ и без „против“ и „воздржан“ попладнево донесе одлука на 30 септември 2018 да се одржи референдум за името кој ќе биде консултативен.

Референдумското прашање ќе гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Одлуката за распишување на референдумот беше изгласана со мнозинство од вкупниот број пратеници.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ пред одржување на седницата во законодавниот дом истакна дека продолжува самоволието на парламентарното мнозинство и тоа за референдумот за договорот во Грција.

-Свесни дека договорот е штетен за државата и граѓаните и свесни дека е спротивно на волјата на граѓаните на Република Македонија тие се обидуваат со сила, без прифаќање на аргументите на опозицијата да протуркаат прашање кое е безсмислено и повеќезначно, посочи Јанушев.

Тој додаде дека тука се прават две крупни повреди.

-Има брутално газење на воспоставената демократска практика било кое референдумско прашање и неговото формулирање да биде донесено по пат на заеднички конзензус со релевантите политички субјекти. ВМРО-ДПМНЕ во тој процес не ја прифати улогата да биде алиби на власта и единствено за декор, туку со аргументи дебатиравме дека прашањето мора да биде еднозначно. Напуштањето на оваа пракса значи продолжување на самоволието на власта, непочитување на волјата на граѓаните и уште еден силен удар на демократијата од оваа недемократска влада. Втората повреда е и законска. Согласно член 15 од Законот за референдум цитирам: „Прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдум да може да одговори со „ЗА“ или „ПРОТИВ“. Прашања кои се поврзуваат со други теми се двосмислени и може да доведат до забуна. Потребно е референдумското прашање да биде сосема јасно и прецизно и единствено поврзано со договорот, посочува генералниот секретар на опозициската партија.

Јанушев вели дека прашањето кое се предлага од власта дали сте за членство во ЕУ и НАТО поддржувајќи го договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција е во целосна спротивност со законот, истото е двосмислено и повеќезначно, и пред се манипулативно.

-Тоа е исто како да поставите прашање дали сте за просечна плата од 500 евра за секое семејство и 1.500 евра за докторите, поддржувајќи ги бизнисите од аферата криминални иновации со кои пари добиваат фирмите на Анѓушев, Локвенец, Ласкова и останатите функционери на СДСМ? Или пак дали сте за намалување на невработеноста, поддржувајќи сомнително криминален тендер од 35 милиони евра во здравството кој треба да заврши во раце на фирма регистрирана пред само неколку месеци? Нормално дека во сите овие прашања има контрадикторност, повеќезначност и манипулативност. Ова е најдобриот доказ дека власта е исплашена бидејќи договорот не поминува кај народот. Народот е против и целиот договор и капитулацијата која ја постигна Заев е едно, а прашањето за членство во НАТО и ЕУ сосема друго. СДСМ сака да ја изигра волјата на народот. И преку кршење на закони, сака на сила да протне договор кој е капитулација, нечесно поврзувајќи го со членството во НАТО и ЕУ што пак е заедничка цел на сите, вели Јанушев.

Тој порача дека бараат итно да се откаже парламентарното мнозинство од ваквото насилничко однесување.

-Заев и СДСМ продолжува да ја турка државата во амбис, во уште поголема криза со несогледливи последици. Заев и СДСМ ја имаат целокупната одговорност за антидржавниот и капитулантски договор со Грција, нагласи Јанушев.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.