Без Прилеп немаше да видам снег: Емили е прилепска снаа од Кенија, го сака градот, храната и не сака зима

Емили – Ањанго Аума од Кенија е наша сограѓанка веќе неколку години. Мажена е со прилепчанец со кого ја имаат прекрасната ќеркичка Зорица.

Неделниот весник “Зенит” разговараше со Емили за нејзиниот живот тука и во што се разликува нејзиниот роден град, милионскиот Најроби, со Прилеп.

-Бидејќи сум хотел-менаџер по професија, во Катар работев заедно со сопругот. Се запознавме и љубовта ја крунисавме со брак кој трае девет години. Откако се роди Зорица, бевме во Кенија, накусо доаѓавме и тука. Пред три години конечно падна одлука постојано да живееме во Прилеп – вели Емили.

Кога тргнувала на пат, баба и’ ја советувала: ,,Таму каде што одиш, да се навикнуваш, да ги прифаќаш за да те прифатат,,!

Во градов прво е волонтерка, физиотерапевт, кај деца со посебни потреби. Потоа е наставничка по англиски јазик во приватно училиште. Станува и инструктор по танци во фитнес клуб. Некои од членовите не плаќале и работата станала неисплатлива. Кенијката не сака да седи бадијала. Се посветува на фризерскиот занает. Прави фризури со афро-плетенки не само за прилепчанки, ами и за стружанки, охриѓанки, скопјанки, дури и од Демир Капија.

-Сега сум пица-мајстор во пицерија. Правам пици, кафе… Сé што треба. Фала му на Господ, знам сé. Му благодарам и на газдата за поддршката. Има добрина, трпение и разбирање што сум оддалеку. Ме почитува и не ме гледа како човек од друга држава, како странец. Ме прифати како да сум дел од неговото семејството. Од срце му благодарам, Господ да го благослови. Првин, не знаев што е шунка, печурки, кашкавал, како се викаат на македонски. Сега знам сé. Сé може да се работи, ако се има желба, ако се сака – порачува Емили.

Климата? За Африка се препознава по горештините. Од пекол во студенила. Како што Константин Миладинов во Москва мечтаеше за Охрид и Струга, за јужните краишта, така и Африканците кога се во Европа. Емили кажува дека во Кенија нема зима и затоа голем проблем и” е овде периодот од октомври натаму.

-Зима не сакам, многу е студено. Без јамболија и без ракија, уф! Таму сме навикнале со 25-26 степени, секогаш на многу убаво време. Ако врне и температурата падне на 20 степени, студено е и сите сме болни. Носиме винтјакни, чизми, ракавици… А овде? Првпат во Прилеп видов снег што дотогаш сум го гледала само на телевизија. Цел живот го чекав. Ќерка ми, тогаш тригодишна, ми свика: ,,Мамо, мамо дојди, има млеко турено надвор,,! Излегов, зедов малку снег в рака и го пробав, како да е јадење. Чудно и интересно – раскажува Емили.

Целата сторија прочитајте ја ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.