Безвременска убавина: Фотографија од манастирот Св. Архангел Михаил во Варош од 1926 година и денеска

Варошкиот манастир се наоѓа во подножјето на Маркови кули во населбата Варош во непосредна близина на Прилеп. Манастирот се состои од црквата „Св. Архангел Михаил“ и двата манастирски конаци. Денот на манастирот е празникот Балаклија или Источен Петок. Манастирот е посветен на светиот Архистратиг Михаил (св. Архангел Михаил) – Началник и Војвода на сите небесни чинови. Во 1998 година, во манастирот е обновен монaшкиот живот.

Манастирот е масовно посетен од верниците, бидејќи во него се чуваат дел од моштите на св. Козма и Дамјан, како и моштите на св. Стилијан. „Св. Архангел Михаил“ се вбројува меѓу најубавите и најзначајните културни споменици и религиозни центри во Македонија поради што е ставен под заштита на државата како Споменик на културата.

„Свети Архангел Михаил“ е главната и единствена манастриска црква во Варошкиот Манастир. Легендата за потеклото на манастирот започнува во X век, кога некој непознат ученик на св. Климент Охридски се населил во некоја од карпите каде што водел осаменички живот.

Фото од 1926 година

Денес, неговото име не е познато, но во прилог на легендата зборува фактот што местото каде што се наоѓа манастирот се вика кај Светецот. Црквата е изградена на старо култно место за што сведочат античките мермерни столбови кои се употребени во нејзината изградба. На едниот од нив е исклесан стар натпис со кирилично писмо од 996 година кој е втор најстар кириличен натпис пронајден во Македонија.

Меѓу XI век и XIII век, црквата била повеќепати градена и разурнувана. Од тој период, постои трага само од северниот ѕид на црквата каде сé уште постојат делови од фрески од XII век. Исто така, од тоа време останале и фреските во подземјето на црквата кои образуваат тунел.

Кон крајот на XIII век, големиот хартулариј Јован повторно ја изградил црквата и ја посветил на св. Архангел Михаил. Имајќи предвид дека од претходната црква останал само мал дел, може да се заклучи дека црквата во целост е ктиторско дело на владетелот Јован.

За тоа сведочи и фреската на западната страна на црквата на која Јован е претставен како ктитор кој во рацете го држи моделот на црквата. Притоа, тој е насликан како великосхиник, а натписот кажува дека тој се замонашил во манастирот. Подоцна, прилепските владетели Волкашин и Крале Марко ја обновиле црквата за што сведочат двете фрески на влезот на кои се претставени двајцата владетели.

Денешниот изглед на црквата, со исклучок на западниот дел, ги носи сите карактеристики од последната преправка која е извршена во 1861 година.

????????????????????????????




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.