Анализа на „Конрад Аденауер“: Македонските граѓани сега гледаат непријател во Русија

50.4 отсто од испитаниците во Македонија сметаат дека руската агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива

За само една година значајно се зголемил негативниот став на македонските граѓани кон Русија, која од групата на пријателски земји се пресели во „најголеми непријатели“, веднаш зад Бугарија. Ова го покажа испитувањето на јавното мислење и анализата насловена: „30 години независност (Анализа и истражување на јавното мислење)“, од авторите Александар Спасеновски, Васко Наумовски и Јован Андоновски, а во издание на Институт за општествени истражувања „МК91“ и Фондација „Конрад Аденауер“.

На прашањето „Според вас, која држава е најголем непријател на Северна Македонија?“, 44 отсто одговориле дека е тоа Бугарија, 29,3 отсто на поставеното прашање одговориле дека не знаат, по што следи 12,1 отсто испитаници, кои сметаат дека Русија е наш најголем непријател. Според испитаниците, 59.3 отсто оценуваат дека се лоши односите на Русија кон нашата држава.

Професор Александар Спасеновски, кој е еден од авторите на оваа Анализа, во изјавата за „Вистиномер“ забележува дека токму ставовите за Русија драстично се промениле за само една година.

Во истражувањето на јавното мислење од 2021 година кое се однесуваше на трите децении од воспоставувањето на независноста на Република Македонија беше испитувано мислењето на граѓаните за карактерот на билатералните односи на нашата држава со Бугарија и Русија. Тогаш како лоши билатералните односи на нашата држава со Русија ги оцениле 17.3 отсто, а со Бугарија 59.8 отсто од испитаниците. Споменатото значи дека за разлика од 2021, во 2022 година негативниот одиум на граѓаните кон Бугарија е скоро непроменет, а кон Русија е видливо влошен, објаснува професор Спасеновски.

Тој смета дека расположението на македонските граѓани кон Русија може да се доведе во корелација со руската агресија врз Украина, што е видливо и од прашањето во претпоследниот дел од оваа анализа.

Имено, 50.4 отсто од испитаниците сметаат дека руската агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива, додека 26.2 отсто сметаат дека истата е оправдана и прифатлива, што упатува на заклучокот дека испитаниците имаат приближно сличен став во однос на оваа тема како и граѓаните на другите држави членки на ЕУ и на НАТО. Македонските граѓани со тоа, покажуваат дека живеат и ја делат судбината на останатите земји членки на Алијансата, анализира Спасеновски.

Испитувањето на јавното мислење спроведено на крајот од август 2022 година на 1.111 испитаници во телефонска анкета, покажува дека Србија се перципира како најголем сојузник на Македонија, што е одговор на 37,4 отсто од учесниците во анкетата,  по што следат САД, Турција и Германија.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.