Реванш натпреварот од 1/4-финалето на Купот на Македонија меѓу Победа и Пелистер, кој се одигра попладнево во Битола, заврши без победник 2-2(1-1). Со ваквиот исход Победа е елиминирана, а Пелистер избри пласман во полуфиналето на најмасовното натпреварување.
Високата негатива од 2-5 од првиот меч ги сведе на теорија шансите на Победа за пробив меѓу 4-те најдобри во Купот, а од друга страната неделниот исклучително значаен домашен првенствен меч со Ренова, беа причините прилепчани да настапат со комбиниран состав.
Тренерот Бубања реши да одмори дел од првотимците и да им пружи шанса на резервистите и оние со помала минутажа, а најголем дел од нив ја оправдаа укажаната доверба.
Победа попладнево двапати водеше со головите на Ристе Илијовски во 10-тата и на Александар Недановски во 53-тата минута, но Пелистер двапати израмнуваше преку Жаделсон во 30-тата и 62-та минута, со напомена дека при 1-1 Ковачев не искористи пенал-биеше во пречката.
За прилепските црвено-бели сега фокусот е преостанатиот од оваа полусезона неделен првенствен меч од последното 18-то коло на Првата лига во Прилеп со Ренова.