ПРАТЕНИЦИ, МИНИСТРИ, ПОКОЈНИЦИ И ПЕНЗИОНЕРИ НА РАБОТНИ МЕСТА ВО ОПШТИНСКАТА АДМИНИСТРАЦИJA

Општина Прилеп со нова веб страница

Нема архива на настани, реализирани или во тек капитални проекти

Ниту збор за претходниците, почнува ли историјата на општината со новиот градоначалник Илија Јованоски?!

Актуелни пратеници во Собранието, Министри во Владата на премиерот Заев се на работни места во Локалната самоуправа во Прилеп!?

Ова не е ниту лага, ниту шпекулација, уште помалку новинарски спин, туку информација до која може да дојде секој посетител на веб страницата на Општина Прилеп. На сајтот www.prilep.gov.mk ако сакате да дознаете повеќе информации за општинската администрација, прикачен е Правилник за систематизација на работни места во кој документ се најдуваат имињата на Горан Сугарески, а сега министер за траснпосрт и врски и имињата на пратеничките Кети Смилеска и Ане Лашкоска. Иронијата да биде уште поголема правилникот е полн со пензионирани административци, а за жал се уште фигурираат и починати лица кои се пишани дека се на одредени позиции и извршуваат задачи во прилепската администрација, пишува неделниот локален весник ЗЕНИТ.

За добро упатените веднаш оваа дезинформација ќе значи гаф, пропуст и неажурност на администраторот на државниот сајт, затоа што ја носи ознака гов.мк. Но, за обичниот посетител ова е тешка дезинформација, заблуда за граѓанинот кој има право да знае кои лица “живеат” на буџетска сметка, а треба да бидат во функција на жителите на Прилеп. Згора на тоа посочени се стари бројки на канцелариите кои беа во старата општинска зграда во 2007-2008 г.!

Пропустот е уште толку поголем, што станува збор за поставена информација на новата, односно неодамна редизајнирана официјална веб страница на општината. Така Прилеп не само што има однеодамна нов градоначалник, туку има и своја нова историја. На постојниот сајт нема ниту точка и запирка за минатото, а камо ли податоци за претходните градоначалници, за реализираните капитални проекти или пак за активностите кои се во тек. Не само што го нема името на Марјан Ристески, кој повеќе од една деценија, поточно 12 години беше прв човек во Прилеп, туку нема ниту една фотографија на која го има него. Нема ниту слики од бројните високи странски делегации, амабасадори, претседатели, глумци, пеачи кои ја посетиле градската куќа, органот на локалната самоуправа. Во архивата доколку сакате да пребарувате нема никаков податок за изминатиот период на градот во кој се направени над 200 км. нова водоводна и канализациона мрежа, првпат во историјата се реализира проектот за пречистителна станица, се воведе првпат јавен градски превоз. Градот има нови спортски сали, нов стадион за фудбал.. Нема ниту збор за спортските и културни манифестации, за технолошко индустриската развојна зона „Прилеп” со Гентерм и други, за реконструираните патишта и улици, за патот до манастирот Трескавец, за реконструкцијата на конаците, за Меморијалниот музеј „11 Октомври”, Саат-кулата… За новата автобуска станица, за реконструираната железничка станица… Нема информации за обновата на Општата болница, на Здравствениот дом и на Центарот за Јавно Здравје и многу други инфраструктурни зафати.

Друга приказна е дали е објавен оглас за барање за прибирање на понуди за дизајнирање на новата страница. Дали договорниот орган, единиците на локалната самоуправа ја испочитува процедурата за јавна набавка на услуги за редизајнирање на постоечка веб страница и изработка можеби на андроид мобилна апликација?!

Моментната слика на официјалната страница на општината личи на како сé да започнува и завршува со Илија Јованоски?! Дали изреката на Луј 14 е и негова филозофија? Кога размислува за себе и животот, дали сака или си верува во тоа дека пред него немало и не се случувало ништо, а така ќе биде и после него? Се труди ли да остави нешто зад себе кое ќе живее многу подолго од него и неговите административци?!

 

Извор: НЕДЕЛНИК ЗЕНИТ




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.