Ќе јадеме ли поскап леб од следната недела?

Во понеделник истекува одлуката со која државата времено ги замрзна цените на одредени производи. Но, од Владата се уште нема одлука дали мерката ќе се продолжи или не, ниту дали можеби ќе се интеревенира со други мерки. На вчерашната владина седница, воопшто не се дискутирало за ова прашање, но уверуваат дека состојбата будно ја следат.

Одлуката важи до крајот на месецов. Владиниот економски тим, постојано ја следи состојбата и ќе се донесат нови одлуки до тогаш, дали ќе се продолжи мерката или не. Штом се донесе, јавноста веднаш ќе биде известена, се вели во владиното соопштение.

Од бизнисите чии цени на производи беа замрзанти, сметаат дека мерката не треба да биде продолжена, зашто трпат сериозни штети. Производствените трошоци се многу високи и ако ограничувањето остане, стравуваат дека нема да можат да ги испорачуваат потребните количини.

На крајот на минатата година, Владата одлучи да ги замрзне цените на лебот, шеќерот, маслото за јадење, брашното, млекото, сирењето, урдата, сувомеснатите производи, јајцата, оризот и тестенините. Во регионот, во Србија се донесе иста ваква мерка, но властите таму одлучија ограничување на цените да има и во следните три месеци.

Во Хрватска, пак, од одредени индустрии најавија зголемување на цените од најмалку 30 отсто. Во спротивно нема да има кој да ги произведува, со образложение дека не може малопродажните цени да бидат пониски од производствените.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.