Ќе има што да прочита: Американска амбасадорка доби писмо со дојава за можна кopyпција и кpиминал во врвот на власта

Новата амбасадорка на САД во земјава Ангела Агелер добила отворено писмо од просветниот инспектор во пензија Ѓорѓи Илиевски кој со аргументи и укажува на можен организиран криминал и корупција во врвот на владата на СДСМ и ДУИ.

Илиевски вели дека кога домашните институции под контрола на СДСМ и ДУИ не функционираат тогаш решението за прогон на криминалот треба да се бара на друг начин.

Во продолжение целото писмо на Илиевски кое изобилува со аргументи за кои на амбасадорката ќе и биде тешко да премолчи:

До

АМБАСАДА НА САД ВО МАКЕДОНИЈА

Н.Е.АНЏЕЛА АГЕЛЕР

Почитувана екселенција,

Сакајќи да Ви посакам топло добредојде во мојата Македонија, пред се’ како нов амбасадор на стратешкиот партнер на нашата држава, се одлучив да изберам транспарантен модел со цел и Вие, но и пошироката македонска јавност да има увид во моите постапки и процеси.

Верувам дека состојбите во македонското општество Ви се познати и дека имате и други пријатели овде, имајќи предвид дека Вашата богата дипломатска мисија и кариера покрај многуте други држави во светот, веќе еднаш сте ја реализирале и кај нас.

Мотивиран од оваа сознание, но и од Вашата сериозна забелешка околку изборот на шеф на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се одлучив концизно и објективно да Ви пишам и за коруптивните состојби во една многу значајна област за иднината на државата – за образовниот криминал и корупција.

Свесен сум дека Ви е повеќе од познато дека последните четири години нема област која не е инфицирана од корупција, нема институција која не боледува од оваа болест, која ја „убива“ демократијата насекаде кај нас.

Во јавноста се претставува розева слика, боја која е платена со моќта на корупцијата, со тргувањето на влијание од страна на политичките и би рекол партиските центри на власта.

Пипците на политичката корупција го задушуваат граѓанинот овде и се обидуваат да воспостават власт на корупцијата наспроти власта на граѓаните!

Подолг период ги следам негативните појави поврзани со корупцијата во образованието, при што имам напишано бројни колумни, анализи (пет години) за институционалниот систем во Македонија. И покрај моите пишувања за криминалот, корупцијата, непотизмот, партизирани институции, како и јавни настапи, домашните институции си ја тераат она народната – „Кучињата лаат, карванот си врви“.

Па така, отворено ги напишав книгите: „Трулеж на системот“, како и „Македонија со хибриден криминален режим“, а во подготовка ми е и ново издание.

Кога домашните институции, не преземаат ништо за функционален правен систем, почнувајќи во секоја пора од општественото живеење, кога актуелната власт, предводена од СДСМ и ДУИ и од „двајцата“ премиери Димитар Ковачевски и Али Ахмети, на виделина ни се случуваат партизирани, непотистички институции. Затоа, не случајно Македонија во Европа е на врвот според стапката на инфлација и стапката на невработеност според т.н. Индекс на мизерија во септември, и е втора на листата (33,2) на Европа. Овие факти го утврдуваат економското страдање на една земја, според инфлацијата и невработеноста и доволно зборуваат за економската беда и социјалното страдање на македонските граѓани. Загрижувачка и алармантна состојба!

Меѓународните институции, констатираат дека Македонија по перцепција на корупцијата и криминалот се наоѓа високо на ранг листата. Мизериите што владеат во владата по институциите, агенциите, разни второстепени владини комисии си го гледаат само својот финансиски интерес, а најмалку интересот на граѓаните.

Затоа Ви се обраќам Вам почитувана екселенција!

Вашето неодамнешно критикување за изборот на новиот шеф на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК) наиде на големо одобрување од сите македонски граѓани, ама сигурно не од носителите на извршната, законодавната и судско-обвинителстата власт.

Со право велите дека: „граѓаните заслужуваат независен правосуден сектор и дека политиката нема место во овие постапки“. И со право истакнувате дека: „резултатите се збунувачки, особено откако во изминатите години потрошивме милиони долари за обука на обвинители и други во правосудниот систем“.

Почитувана Екселенција,

Еве, како политичко – непотистички работи Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје, а кои синови, ќерка, зет се избрани кандидати во 2022 година. Од страна на политичката партија ДУИ се: од судијата во Виш управен суд Субхи Јакупи – неговиот син Илир Јакупи, од судија во Апелација Енвер Беџети – неговиот син Јетмир Беџети, од нотарот, Екс директор на Биро за јавни набавки Алмир Садики – неговиот зет Исмаил Исени, претседател на Собрание Таљат Џафери – неговиот син Барлет Џафери.

Од страна на политичката партија СДСМ се: од обвинителот ОЈО ГОК Елизабета Јосифовска – нејзиниот син Драган Јосифовски, од претседател на судски совет Киро Здравев – неговиот син Зоран Здравев, од претседател на совет на обвинители Антонио Колевски – неговиот син Иван Колевски, од обвинител ОЈО ГОК Гордана Смаќоска – нејзината ќерка Билјана Смаќоска. Е, вака работи почитувана екселенцијо Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ – Скопје. Па, затоа довербата во правосудскиот систем, од македонските граѓани е една голема НУЛА (zero).

Последниот скандал кој се обелодени, го потврдува моето пишување за криминалот, корупцијата, непотизмот, како и судир на интереси.

Имено, синот на Таљат Џафери, претседателот на Законодавниот дом, положил правосуден испит пред да дипломира, утврдила Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), што е спротивно на Законот и условите и начинот на спроведување на испитот. Иронијата да биде поголема ДКСК неможе да отвори предмет за случајот Барлет Џафери, бидејќи Министерството за правда не ја чува документацијата?! Иако документацијата е од траен карактер. Скандал! Ова е организиран криминал, каде што има и судир на интереси, каде што членот на ДКСК Нури Бајрами е баџанак (жените се сестри) со Таљат Џафери. Притоа, покрај магистрирање на еден правник, за да полага правосуден испит, доколку е магистер, истиот треба да има доказ дека една година има практика кај адвокат, нотар, извршител, суд или друго правно лице!!! Поткопан е правосудниот систем и тешко дека оваа состојба може за брзо да се нормализира!

И сега, наместо ДКСК и нејзиниот претседател Билјана Ивановска, да побара објаснување и одговори од Академијата за судии и јавни обвинители, каде што одговорна е Наташа Габер Дамјановска, како и од Државниот просветен инспекторат, да извршат вонреден инспекциски надзор на соодветниот факукултет/универзитет и да се провери Главната книга за дипломирани студенти, кој е меродавен-веродостоен доказ, ДКСК и нејзиниот претседател Билјана Ивановска, смешно, ама вистинито за овој организиран криминал, предметот ќе го затвора?!

Нормално, перцепцијата за работата на институцијата ДКСК, која го затвора предметот е на линија со корупцијата и тргувањето со влијание. Со право македонските граѓани велат и ДКСК е соучесник во криминалот и корупцијата.

Да биде трагедијата поголема Министерството за правда, дава соопштение дека: „Барлет Џафери положил правосуден испит на 05.02.2015 година, а потписот за положениот испит го ставил тогашниот министер Аднан Јашари“.

Наместо ДКСК и претседателот Билјана Ивановска, да побараат одговор од поранешниот министер Аднан Јашари, тој се заканува на новинар да го повлечат текстот кој е објавен и да се извинат. Пази, пази, закани кон новинар?

Па така почитувана екселенцијо, сега во декември, синот на првиот човек на законодавниот дом, треба да ја заврши Академијата на судии и обвинители, и се очекува да потполни некое од испразнетото судиско или обвинителско место.

Затоа почитувана амбасадорка Анџела Агелер, воопшто да не бидете изненадени ако синот на првиот човек на законодавниот дом, биде десна рака на Ислам Абази за гонење организиран криминал и корупција. Тоа може да се случи по наредба на Али Ахмети. Тоа и се очекува од оваа исполитизирана Академија на судии и јавни обвинители, во оваа моја Македонија.

Почитувана екселенцијо, ова е само еден мал момент од криминалните, непотистички и нефункционални институции во Македонија!.

Затоа, почитувана екселенција Анџела Агелер, потребно е да се заложите со обвинителството во Македонија да раководи европскиот јавен обвинител Лаура Ковеси, каде што Законот ќе биде еднаков за сите.

Во очекување!!!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.