Руските трупи продолжуваат со својот упорен план за окупација на источна Украина, а способноста на Украинците да се спротивстават на немилосрдниот напад зависи повеќе од кога било од помошта на Соединетите Држави и нивните сојузници. Дел од поддршката ја добиваат и од тајната мрежа на командоси и шпиони кои набавуваат оружje, разузнавачки информации и им обезбедуваат обука, изјавија за Њујорк Тајмс високи американски и европски претставници.
Голем дел од нивната работа се одвива надвор од Украина, во базите во Германија, Франција и Британија. Иако администрацијата на Бајден рече дека нема да распореди американски војници во Украина, персоналот на ЦИА продолжи да работи тајно во земјата, главно во главниот град Киев, насочувајќи голем дел од огромното количество разузнавачки информации до украинските официјални лица, велат извори на Њујорк Тајмс.
Истовремено, во Украина дејствуваат неколку десетици командоси од други земји-членки на НАТО, меѓу кои Британија, Франција, Канада и Литванија. Тројца високи американски функционери изјавија за Њујорк Тајмс дека иако САД ги повлекле своите 150 воени инструктори уште пред почетокот на војната во февруари, командосите на нивните сојузници останале во земјата, обучувајќи ги и советувајќи ги украинските војници.