Вредните домаќинки од Здружението “Преродба” во Прилеп, и оваа година ја продолжуваат традицијата на подготовка мали посни светиниколски сармички, вкусно гравче и останати посни специјалитети.
Се подготвува трпезата за празнувањето на заштитникот на градот во недела, ден кој за прилепчани е посебен.
Градоначалникот на општина Прилеп Борче Јовчески и неговата заменичка Ирена Стерјоска Локвенец, ги посетија жените на Здружението “Преродба” и се восхитуваа на нивната позитивна енергија и трудољубивост.
Одбележувањето на верскиот празник Св. Николај Чудотворец во недела (19.12), ќе започне во 08.00 часот со свечена литургија во Црквата Св. Благовештение, по што во 12.00 часот пред Параклисот на Св. Никола во центарот на градот ќе следи водоосветување и прережување на празничниот колач, а во 12.30 часот е предвиден благослов на градската трпеза на плоштадот „Александрија“ пред камената бина.