Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски денеска одржа онлајн прес конференција на која информираше за состојбата во Прилеп со кopoнавиpycoт.
„Од утре среда 22 април, се воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјето на општина Прилеп без носење на соодветна заштитна опрема – маска, шал, марама и слично, надвор од своите деомови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници и слично. Општина Прилеп им препорачува на сите граѓани од нашата општина, да го редуцираат излегувањето од своите домови. Тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член на семејството, заради купување намирници и лекови од маркетите и аптеките. Истовремено, врз база на новите мерки кои се однесуваат на општина Прилеп, заедно со ОВР – Прилеп подготвивме посебен оперативен план кој стапува на сила од утре, за присуство и дејствување на полицијата на подрачјето на општина Прилеп, преку користење на засилени патроли и засилено присуство на полицијата, користење на мегафонска опрема од полициските возила на јавните места и површини, со цел контрола над почитувањето на одлуките, мерките и препораките донесени од Владата“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот Илија Јованоски.