Што сака Путин во Украина? Зошто токму оваа држава и како дојде до оваа криза?

Тензиите на границата меѓу Украина и Русија и потенцијалниот воен конфликт со месеци се тема број еден во светот. Во морето од информации и дезинформации со кои секојдневно не преплавуваат западните и руските медиуми, многумина веќе заборавија на околностите кои доведоа до актуелната криза.

Сајмон Тидал од Гардијан се обиде да одговори на пет клучни прашања кои фрлаат светлина врз кризата што може да доведе до меѓународен конфликт.

Зошто Русија се заканува со инвазија на Украина? – Портпаролот на руската влада секојдневно ги отфрла сите наводи дека подготвуваат инвазија на Украина. Истото го кажа и рускиот претседател Владимир Путин на разговор со францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден.

Според Тиндал, има два проблеми со овие изјави. Прво, тешко дека ќе најдете некој во западните влади кој би поверувал во овие наводи, и второ: ако намерата на Путин е навистина мир, тогаш зошто се распоредени 130.000 руски вojници долж украинската граница. Тоа, се разбира, може да биде блеф на Путин, но кој е подготвен да се обложи на такво нешто?

Што го “движи” Путин? – Постојат голем број на теории. Се верува дека Путин сака повторно да ја наметне руската сфера на влијание во Источна Европа, особено во поранешните советски републики Естонија, Литванија, Латвија, Белорусија, Грузија и Украина. Имено, Путин често тагуваше за нивната загуба по распадот на Советскиот Сојуз. Исто така, Путин се надева дека ќе му покаже на Западот (и на неговите сонародници) како Русија сè уште е суперсила.

Зошто баш Украина? – Путин стравува дека стратешки важната Украина би можела да се приближи до Западот. Ова првенствено се однесува на НАТО. Тој, исто така, се противи на приближувањето на Киев со Европската унија, бидејќи во Украина владее демократија, која вклучува слобода на говор, слободни медиуми и слободни избори. Русија тешко може да се пофали со тоа, а ако Русите го следеа украинскиот пример, Путин тешко би издржал долго на власт. Исто така, Путин е носталгичен ревизионист кој ја смета Украина за историски дел од Русија, а нејзината загуба симбол на поразот на Русија во Студената војна.

Зошто баш сега? – Путин веројатно ги почувствува слабостите на Западот по низа примери. НАТО беше понижен минатата година во Авганистан, а Џо Бајден целото свое внимание го фокусираше на Кина, а не на Европа. На Путин му треба една голема победа за да ја зацврсти сопствената позиција дома. Особено по санкциите на Западот поврзани со нападот на Украина во 2014 година, кога таа го анектираше Крим и ја презеде контролата врз регионот на Донбас.

Кои се барањата на Путин? – За да се стави крај на сегашната криза, Путин сака цврсти гаранции од НАТО дека никогаш нема да ја прифати Украина во своето членство, како и Грузија и Молдавија. Тој, исто така, сака Северноатлантската алијанса да се повлече од Полска, Романија и Бугарија, поранешни членки на Варшавскиот пакт. Тој сака Киев официјално да го признае автономниот статус на Донбас, како и Украина целосно да се откаже од Крим (како дел од таканаречениот договор од Минск).

Исто така, сака да го ограничи или запре распоредувањето на нови американски ракети со среден дострел во Источна и Јужна Европа. Тој, исто така, сака да ја редизајнира европската „безбедносна архитектура“ со цел повторно да го воспостави влијанието на Русија и да го прошири нејзиниот геополитички дострел. На повеќето од овие барања, Соединетите Држави велат „не“. Оттука и актуелната криза, заклучува Гардијан.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.