Шест македонски научници, меѓу кои и еден прилепчанец, се рангирани во топ два проценти највлијателни светски научници на листата на „Стенфорд“ за 2021 година.
На кумулативната листа за најдобри топ два проценти научници на сите времиња (од сите области) се рангирани Љупчо Коцарев (МАНУ), Леонид Грчев (МАНУ) Валентин Мирчески (Институт за хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје), Рубин Гулабоски од Прилеп (Факултет за медицински науки, УГД Штип) и двајца пензионирани професори, Трајче Стафилов (Институт за Хемија, ПМФ, УКИМ, Скопје) и Иван Грозданов (Институт за хемија, ПМФ, Скопје).
Пред еден месец е објавена една од најшироките студии за рангирање на топ два проценти најдобри светски научници од сите области, од автори од Унверзитетот Стенфорд, САД.
За календарската 2020 година (рангирани во 2021 година), во топ два проценти највлијателни светски научници од Северна Македонија се рангирани: Љупчо Коцарев, Леонид Грчев, Рубин Гулабоски, Рамадани Веланд (Универзитет на Југоисточна Европа Тетово), Кимет Јусуфи (Државен Универзитет Тетово), Биљана Бауер (УКИМ Скопје) и Биљана Ристеска Стојкоска (ФИНКИ, УКИМ, Скопје).
ЗА Д-р Рубин Гулабоски од Прилеп:
Д-р Рубин ГУЛАБОСКИ, е роден на 29 ноември 1972 г. во Прилеп, Македонија. Основното и средното образование ги завршил во родниот град. Дипломирал на Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје, во 1997 г. Во 1998 г. се запишал на постдипломските студии по хемија на ПМФ Скопје.
Магистрирал во 2001 г., со одбрана на магистерската работа “Теоретска и експериментална студија на редокс процеси комбинирани со атсорпциски феномени во услови на квадратно-бранова волтамметрија” под менторство на проф. Корнелија Стојанова.
Докторирал во 2004 г. на Факултетот за аналитичка хемија и биохемија на Универзитетот во Греифсњалд, Германија, со одбрана на докторската теза “The determination of the Standard Gibbs energies of ion transfer across liquid-liquid interfaces with help of three-phase electrodes”, под менторство на проф. Fritz Scholz. Во април 2006 г. е избран за насловен доцент на Институтот за хемија при ПМФ Скопје.
Главно подрачје на научен интерес на Рубин Гулабоски е електрохемијата, при што тој дава значаен удел во развојот на теоријата на волтамметриските техники и моделирањето на разни електродни механизми, како и при проучувањето на феномените на пренос на јони низ течна меѓугранична фаза, како модел за јонските реакции низ мембраните на клетките.
Освен тоа, работи и во полето на молекуларно-динамички симулации и на студирањето на интеракциите помеѓу биолошки активни супстанци со волтамметриски и импендансни методи. Тој е еден од пионерите во развитокот на методот на трифазни електроди за студирање на трансферот на јони помеѓу границата на две немешливи течности.
Трудовите на Рубин Гулабоски се цитирани 315 пати (според Science Citation Index), со што тој е еден од десетте најцитирани хемичари од Македонија. Рубин Гулабоски бил рецензент на 12 трудови приложени за публикација во интернационални списанија. Презентирал 24 трудови на разни научни манифестации, од кои 14 на интернационални, а 10 трудови на научни манифестации одржани во Македонија.
Притоа, бил поканет да држи семинари и предавања на 4 европски универзитети во Германија, Швајцарија и Португалија. Автор е на една монографија на англиски јазик публикувана во 2005 г. (Electrochemistry of immobilized particles and droplets), издадена од издавачката кука Спрингер-Верлаг, а автор e на Electrochemical Dictionary што злезе од печат 2012 г.
Бил член на Организационен одбор на 1 научна конференција. Како член, учествувал во реализацијата на 10 научноистражувачки проекти, од кои 4 се интернационални, а 6 се домашни проекти. Добитник е на неколку интернационални стипендии и признанија. Tој е првиот студент од Македонија кој добил стипендија за докторски судии во рамките на програмата на Deutsche Akademische Austauschdienst (DAAD). Добитник е на fellowship за постдокторски студии во Порто, Португалија, како стипендијант на португалската влада.
По специјална покана од DAAD учествува (како единствен учесник од Македонија) на средба со нобеловците од областа на хемијата и физиката, во 2002 г. Тој е и еден од десетте стипендирани најдобри млади научници на конгресot во Барселона (септември, 2006), организиран од European/Japanese Molecular Liquids Group. Течно зборува англиски и германски јазик, а има добри познавања и од францускиот и португалскиот јазик.