Четири млади научници направија бионичка рака која е за 30 пати поевтина од постоечките: Дел од тимот е и Борис Ночески од Прилеп (Видео)

Водени од желбата да им помогнат на луѓето со телесни недостатоци, три млади момчиња и една девојка создадоа бионичка рака која е за 30 пати поевтина од постоечките протези.

Екипата ја сочинуваат 17-годишниот Борис Ночески од Прилеп, 17-годишната Анамариа Илиева, 16-годишниот Тео Китановски и 17-годишниот Орхан Багашов. Дечките направија помагало користејќи 3Д принтер и се на прагот да им помогнат на милиони луѓе ширум светот кои не можат да си дозволат и да купат од постоечките протези.

Според истражувањата во светот има над 4 милиони луѓе кои имаат ваков телесен недостаток, а 97% од нив не можат да си дозволат да купат од постоечките бионички раце кои чинат и до 7000 долари, особено не за дете во развој, за кое истата треба да се промени веќе наредната година.

Новиот производ го носи името “Венус” и е 30 пати поевтин од втората најевтина бионичка рака на пазарот. Чини само 250 долари.

„Вакви раце постојат, но нашата има две главни предности. Тоа што е 30 пати поефтина од останатите бионички раце, нивната цена започнува од 7.000 долари, па оди и до 100.000. А нашата рака може да се добие по цена од 250 долари. Исто така предноста е што е надградлива за деца, па така кога веќе ќе се смали, бидејќи секое тело е во раст, би можело да се направи нова. И трета најважна работа е што секој може да ја направи сам. На нашата веб страна се прикачени линкови од деловите кои се потребни, моделите за 3Д печатење и инструкциите како да се направи раката. И секој човек може да ја направи во рок од 1 час без претходно искуство“, вели Борис Ночески, дел од тимот на млади иноватори.

За искуството со Венус бионичката рака зборува Маја, која вели дека уште од првиот ден ја чувствува како дел од нејзиното тело.

Дечките велат дека идните чекори ќе им бидат насочени кон нови истражувања, со цел во наредните 6 месеци да ја создадат крајната верзија на оваа протеза, но и да направат различни големини за различна возраст за година дена од сега.

За ова неверојатно откритие и истражување, дечките станаа и глобален победник на годинешниот Generation Unlimited Youth Challenge под 18 години, и тоа во конкуренција од 180 тима од 36 земји ширум светот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.