Прилепскиот боксерски клуб “АС” од Прилеп долги години е еден од главните спортски репрезенти на градот под Марковите Кули.
За огромните успеси на клубот најзаслужни се тренерите Ѓорѓи и Дарко Чатлески, но и нивните вредни ученици. Низ годините клубот бележи успеси како на домашен, така и на меѓународно ниво.
Вчера во клубските простории гостуваше Игор Поцев, од австралиската боксерска академија “Лајнос Ден” од Мелбурн, кој одржа тренинг заедно со Дарко Чатлески.
На настанот присуствуваше и градоначалникот Борче Јовчески, кој ја истакна поддршката на општина Прилеп.
-Синоќа ги посетив младите боксери од Боксерскиот клуб „АС“ Прилеп. На мое задоволство проследив дел од тренингот кој што го водеше гостинот, тренер и менаџер Игор Поцев од Боксерската Академија ЛАЈОНС ДЕН од Мелбурн Австралија. Поцев има направено многу успеси со неговите боксери во Австралија.
Целта на оваа соработка е размена на искуства помеѓу боксерските школи и размена на боксери со учество на борби во Македонија и Австралија.
Боксерскиот клуб “АС” од Прилеп е основан во 2001 година. Непрекинато работи до денес и е активен во сите натпреварувања. Под водство на тренерите Ѓорѓи Чатлески и Дарко Чатлески има направено одлични резултати. Во изминатите години државни шампиони во бокс се Дарко Чатлески, Александар Николоски, Стево Илиќ, Дамјан Талимче, а минатата година во кадетска конкуренција титулата ја освои Матеј Чатлески.
За 2018 и 2019 БК АС го освоија второто место во бокс лигата на Македонија, а оваа година го држат првото место од кои има уште 4 кола до финалните борби. Четвртото коло во месец октомври ќе се одржи во Прилеп во организација на БК АС ПРИЛЕП.
Во името на Општина Прилеп упатив благодарност за се она што го прават како спортски репрезенти на Прилеп и поддршка за сите идни активности и планови – напиша Јовчески на ФБ.