Со голема духовна радост Ве известуваме дека во петок, на 22 ноември 2024 година, во храмот „Св. Петка“ во Прилеп, ќе го чествуваме споменот на големиот светител и чудотворец Св. Нектариј Егински. По овој повод, прв пат во нашиот град, ќе бидат изложени мошти од овој светител, што претставува особен благослов за сите нас – информираат од црковниот храм Св. Петка во населбата “Точила” во Прилеп.
Св. Нектариј Егински е еден од најпочитуваните светители во православниот свет, познат по својата длабока вера, смирение и чудотворни дела. Манастирот што го основал на островот Егина во Грција денес е едно од најпосетуваните поклонички места, каде илјадници верници се собираат за да му се поклонат и да побараат негово застапништво. Особено е познат како голем исцелител од душевни и телесни маки, а многумина сведочат за исцеленија од најтешката болест на нашето време – ракот.
На овој ден, прилепчани ќе имаат можност со поклонение пред неговите мошти да ја искажат својата почит и љубов кон св. Нектариј и да го замолат за застапништво пред Божјиот престол.
Од храмот ги покануваат верниците да се придружат на ова молитвено торжество и да го почувствуваат благословот и духовната радост што ги носи присуството на светињите.